Прифаќањето на дебатата со Белград од страна на косовската страна за поделба на Косово или за размена на територии, во рамките на опциите за постигнување законски обврзувачки договор, ќе има тешки последици, пишува денеска „Коха Диторе“.
Домашни аналитичари во изјави за весникот напоменуваат, дека, иако не е јавно и официјално кажано, територијалната поделба цело време е дел од калкулациите на српската страна.
Според политикологот Бељул Беќај, Србија настојува до поделбата на Косово да дојде преку Заедницата на општини со мнозинско српско население, за која се инсистира да добие извршни надлежности.
Својата анализа Беќај ја заснова нпред сė на изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ дека сега и Американците ги интересира неговото мислење за наоѓање решение за косовското прашање.
– Затоа, територијалната поделба не е исклучена од натамошниот дијалог меѓу Косово и Србија – изјави Беќај за „Коха Диторе“.
Во очекување на продолжението на дијалогот меѓу Приштина и Белград во Брисел, во Косово се прават обиди за обединување на политичкиот спектар и создавање на заедничка платформа за финалните преговори. Пречка во овој правец претставува противењето на опозицијата да го легитимира претседателот Хашим Тачи како главен преговарач.