Косовската полиција во јужниот дел на Косовска Митровица запленила 140 верски пакетчиња, кои се донација по повод верскиот празник Свети Сава, наменети за децата во Гораждевац и во Осојане, со образложение дека содржат „нелегални“ производи од централна Србија, соопштија од Канцеларијата за Косово и Метохија во српската влада.

Некои од пакетчињата пред неколку дена легално се внесени на косовската територија преку административниот премин Јариње. Пакетчињата биле направени од учениците во основните училишта за своите другарчиња во српските енклави на Косово, пренесе РТС.

– Косовската полиција на безобѕирен и насилнички начин спречи српските деца во Метохија да бидат радосни по повод празникот Свети Сава. На властите во Приштина не им е доволно тоа што со самоволен акт и правно насилство воведоа блокада на увоз на производи од централна Србија, туку сега ги прогласи за нелегални и самото поседување на сѐ што е произведено во централна Србија, дури и српските грисини и смоки, го стави на исто ниво со наркотиците и оружјето – се посочува во соопштението од Канцеларијата за КиМ.

На возачот, кој ги транспортирал пакетчињата за Гораждевац и Осојане, му била напишана прекршочна пријава и тој заедно со автобусот бил спроведен во Приштина.

Некои од пакетчињата биле уништени од претставниците на приштинските власти.

– Овој пиратски и бандитски напад на пакетчиња со кекси и чоколади ја покажува бесчувствителноста на оние што се претставуваат како политички лидери на КиМ – нагласуваат од Канцеларијата во Владата на Република Српска.

Претходно беше најавено дека во рамките на одбележувањето на денот на Свети Сава, директорот на Канцеларијата Жељко Јовиќ и претседателот на белградската општина Палилула Александар Јовичиќ, ќе ги посетат учениците во Гораждевац и во Осојане и во таа пригода ќе им бидат поделени пакетчињата, објави РТС.


Следните денови се важни за дијалогот меѓу Белград и Приштина

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, го повтори ставот на Европската Унија за неопходното укинување на косовските такси од 100 отсто, за производите од Србија и од Босна и Херцеговина, и очекува Приштина и Белград да го продолжат дијалогот, што ќе доведе до нормализација на нивните односи, пишува „Зери“.
За да се оствари ова, двете страни треба да се воздржат од изјави и потези што не се во интерес за регионот. Продолжувањето на дијалогот е поврзан со нормализација на односите и европските перспективи на двете страни, посочила таа во својата изјава.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, порача дека во следните денови и недели треба да бидат донесени важни одлуки од државен интерес, со што ќе се зајакне партнерството со меѓународните сојузници.
Тој на Фејсбук напиша дека сите институции се посветени за остварување на државните цели и истакна дека дијалогот и евентуалниот мировен договор со Србија само го забрзува членството во Европската Унија, НАТО и Обединетите нации.
– Во следните денови и недели институциите на Косово ќе преземат акции и одлуки од државен интерес и ќе го зајакнат партнерството со меѓународните сојузници. Сите државни институции се во служба на заштита, унапредување и остварување на нашите стратегиски цели – членство во ЕУ, НАТО и ОН – напиша Тачи.