Амбасадорот на САД во Приштина, Филип Коснет изјави дека очекува 2019 година да биде годината во која ќе се постигне конечниот договор меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Коснет за косовскиот портал на српски јазик „Коссев“ изјави дека Вашингтон сака да види „еден креативен и сеопфатен договор меѓу двете земји“.
– Мислам дека 2019 година треба да биде година на еден сеопфатен договор. Ако односите меѓу Србија и Косово не се подобрат, тие ќе станат уште полоши. Нависта не постои оипција да се задржи статус-квото, изјави американскиот амбасадор.
Според Коснет, идниот договор мора да ги земе предвид грижите и безбедноста на Србите во Косово, „затоа што тоа не може да се игнорира“ и дека треба да биде склучен меѓу двете држави.
– Не велам договор меѓу двајцата претседатели (Хашим Тачи и Александар Вучиќ), бидејќи тоа се демократии и потребно е повеќе од две лица, нагласи американскиот амбасадор.
Тој порача и дека САД „не потпишуваат бланко чек“ и појасни дека тоа значи оти Вашингтон не ветува дека ќе поддржи „се за што двете влади ќе се согласат“.
Коснет нагласи дека неговата земја нема некој „посакуван исход“, односно „не се обидува да напише како би требало да изгледа договорот меѓу Косово и Србија“, како и дека смета оти американските позиции „не се разликуваат толку“ од оние на Европската унија.