Од телохранител до борец против криминалот, бугарскиот премиер Бојко Борисов стекна многумина непријатели во текот на годините. А тој се покажа како европски лидер со способност да се задржи на власт, пишува „Блумберг“.
Од неговото доаѓање на власт во 2009 година, Борисов се најде во лични скандали, се соочи со обвинувања за поврзаноста со организираниот криминал, улични протести и несогласувања со претседателот и со дел од најбогатите луѓе во Бугарија.
Неговата партија ГЕРБ останува фаворит и на денешните избори, наспроти тоа што заразата беснее во Бугарија која моментно е едно од светските жаришна на ковид-19, а економијата трпи удар. Ако анкетите се покажат како точни, најтешката битка на Борисов би требало да биде убедувањето на другите партии за создавање на коалиција, а не убедувањето на Бугарите да гласаат за него.
Борисов успешно се адаптираше во балансирањето на националните интереси меѓу Русија, од која Бугарија зависи на полето на енергетиката, и Западот, прифаќајќи ги НАТО и ЕУ.
– За многумина, Борисов уште е најдобриот избор, или пак, најмалку лошиот. Најголемото прашање не е дали Борисов ќе победи, туку дали ќе има доволна поддршка да формира влада – вели Евелина Славкова, која работи на изборните анкети.
Се очекува партијата на телевизискиот водител Слави Трифонов да биде на третото место и да има пресудна улога за формирањето на влада.
Противниците на Борисов тврдат дека нови четири години на негово владеење ќе доведат до уште проблеми. Националниот модел се соочува со распаѓање и со корупција, според бугарскиот претседател Румен Радев, кој е главен политички ривал на Борисов.