Брзото ширење на коронавирусот ги принуди сите земји од Западен Балкан да ги засилат мерките за заштита од епидемијата. Бројот на заболени лица постојано се зголемува, додека речиси сите земји воведоа или се пред воведување вонредна состојба. Владите преземаат дополнителни мерки за оневозможување на ширењето на вирусот. Состојбата е алармантна, а целиот Балкан се соочува со неизвесен период на корона-криза, која ќе предизвика големи здравствени и економски последици за целиот регион.
Од вчера полициски час во Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ, поради спречување на ширењето на епидемијата од коронавирусот, прогласи полициски час, кој почна да се применува од вчера во 10 часот во сите урбани средини, а апсолутно се забранува излез за лица постари од 65 години. Вучиќ најави дека ќе се отворат продавници само за пензионери, за да ги купат намирниците што им се потребни. Војската ќе ги преземе под контрола сите гранични премини, како и сите болници.
– Во периодот од 20 часот до 5 часот наутро се воведува забрана за движење на сите. Никој не смее на улица, освен оние што работат трета смена и потребните служби – порача Вучиќ, на вонредната прес-конференција во вторникот вечерта.
Претседателот на Србија ги замоли граѓаните да ги разберат ригорозните мерки и порача дека никој нема да остане гладен и без потребните работи за живот.
Војската на Србија ќе ги преземе сите гранични премини и мигрантски центри и болници и мора да биде вооружена, бидејќи мора да ги заштити лекарите – појасни Вучиќ.
Според него, колку се неодговорни луѓето покажува фактот што иако тој ги замолил да не доаѓаат во Србија, последните два дена дошле дури 45.000 луѓе.
Во Србија до вчера се регистрирани уште 11 нови случаи на заразени со вирусот, а вкупниот број заболени достигна 83 лица, соопштија вчера од Министерството за здравје.
Пензионерите ќе пазарат во недела рано наутро
Под посебен режим на ограничување на движењето се лицата постари од 65 години што живеат во урбаните средини. Овие граѓани не смеат да ги напуштаат домовите од 10 часот наутро. За пензионерите, во периодот од 4 до 7 часот во недела наутро, кога нема никој на улиците, ќе бидат отворени супермаркетите под определени правила. За непочитување на забраните, предвидени се казни од 150 илјади динари или затвор од три години.
– Кога полицијата на улиците по 20 часот ќе затекне лице што нема писмена дозвола за движење, ќе му биде напишана кривична пријава што ќе му биде доставена на домашната адреса, а кривичната постапка ќе биде спроведена дополнително – изјави министерот за полиција Небојша Стефановиќ.
Забраната за движење не се однесува за граѓаните што имаат неодложна потреба од здравствена помош, како и за одредени земјоделски производители.
Хрватска: Заразени се седум лекари
Службата за Цивилна заштита на Задарската жупанија го потврди првиот случај на заболена жена од коронавирус во регионот на Далмација. Станува збор за млада женска личност, која со друга сопатничка се вратила од Дубаи. Заболената имала мали симптоми на заболување и температура од 37,2 степени.
Вчера хрватското собрание го донесе пакетот од 20 закони со кои ќе им се помогне на дејностите што се погодени од епидемијата на коронавирус.
Во Хрватска стапуваат во сила најстрогите мерки за забрана на јавни собирања и за извршување угостителски и други услужни дејности. Забраните ќе се однесуваат за 30 дена.
Во Хрватска има 69 заразени од коронавирус, од нив седум се лекари. Под здравствен надзор се повеќе од 10.000 лица.
Црна Гора: Две жени први заболеа од корона
Во Црна Гора се регистрирани првите заболени лица од коронавирусот, а тоа се две жени, кои се родени во 1948 и 1973 година. Премиерот на Црна Гора, Душко Маровиќ, објави дека жените во претходниот период престојувале во региони што се погодени од епидемијата. Двете пациентки се во стабилна здравствена состојба. Едната жена е од Подгорица, а другата живее во Улцињ.
Црна Гора беше единствената земја во Западен Балкан што досега немаше регистрирано ниту еден случај на заразено лице со коронавирус.
Бугарија: Банско во целосен карантин
Бугарскиот зимски центар Банско е под карантин и блокада, јави Бгнес. Тоа се случува по одлуката на Оперативниот штаб за борба со новиот коронавирус. Во моментов во хотелите има околу 200 странски туристи. Мерките се воведуваат за рок од две недели.
На вонредниот брифинг во Советот на министри, генерал-мајорот Венцислав Мутафчиски објави дека вкупниот број на заразени во Бугарија достигнал 81 лице. Три од нив се од градот Банско. Тие се луѓе што се занимаваат со активности поврзани со туризмот.
– Во Банско постои загрижувачки тренд на зголемување на заразата – рече Мутафчиски.
На територијата на Банско се воведуваат засилени мерки за заштита од епидемија, а на сите лица што живеат на територијата на градот им е забрането влегување и излегување од градот Банско. Лицата со постојана или тековна адреса во градот Банско што се надвор од градот можеа да се вратат во своите домови до 20 часот, на 18 март.