Улогата и пристапот на политичките претставници на националните малцинства во земјите од Балканот, во практикувањето на парламентарната и извршната власт, се различни. Тоа е тесно поврзано со политичките состојби во секоја земја поединечно, со однесувањето на соседните земји, но и во голема мера и со личните амбиции на „малцинските“ лидери и нивната желба да се прикажат како главен фактор во водењето на политиките во одредена земја. Ако се погледне однесувањето на пратениците на малцинските заедници во Хрватска и во Србија, ќе се забележи дека постои едно поинакво, пред сѐ конструктивно однесување на политичките претставници на малцинските заедници во овие земји. Иако билатералните односи меѓу Србија и Хрватска и меѓу Белград и Приштина секогаш се на некое „замрзнато“ ниво, тоа никогаш не влијаело на однесувањето на малцинските пратеници во најкритичните моменти, како што е на пример формирањето ново парламентарно мнозинство, кога малцинските гласови се пресудни во добивањето право да се формира новата влада.
За разлика од примерите во Хрватска, Србија, па и во Косово, каде што постои еден позитивен тренд за поголема политичка инклузија на малцинските заедници во извршната власт, во Македонија состојбата на овој план е сосема поинаква. Во нашата држава одамна припадниците на малцинствата, а особено претставниците на албанските партии, ги имаат остварено сите права, кои се однесуваат на користењето на јазикот, во вработувањето преку процентуалната застапеност во државната администрација, како и со извршување високи државнички функции. Но тоа по што се разликуваат малцинските лидери во споменатите земји и во Македонија е нивниот пристап во остварувањето на своите барања, кои во одредени периоди преминуваат и во отворени уцени, без притоа да се има предвид општиот национален интерес на државата, па и правата на мнозинскиот народ, а тоа е да се создадат стабилни политички и економски услови во текот на еден мандат на која било влада.
Андреј Пленковиќ, претседателот на ХДЗ, која има солиден број пратенички мандати, го доби правото да формира влада, за која му недостигаат и осумте гласа на малцинските пратеници. Претставникот на чешкото и словачкото национално малцинство Владимир Билек вели дека ќе направат да дојде што побрзо до формирање стабилно мнозинство во Хрватскиот сабор. Нивниот интерес е добивање министерско место или потпретседател на владата. Поддршка на новата влада на Пленковиќ ќе даде и претседателот на Самостојната демократска српска партија, Милорад Пуповац, кој во ниеден момент не ја подигна националната реторика во остварување на правата на српската заедница, која подолго време води борба за поголема употреба на кирилицата во локалните самоуправи во Хрватска. Пуповац беше дел од претходната влада на Пленковиќ, која работеше на работ на парламентарниот кворум и ја одржуваше владата на ХДЗ во живот, а во исто време српското малцинство беше изложено на постојани вербални напади од приврзаниците на десницата и од најжестоките хадезеовци.
Александар Вучиќ, чија партија СНС освои доволно пратеници за самостојно формирање влада, ги почна разговорите со малцинските партии за нивно вклучување во извршната власт. Претседателот на ПДД и носител на заедничката изборна листа „Албанска демократска алтернатива – Обединета долина“, Шаип Камбери, рече дека на состанокот со српскиот претседател биле предадени барањата што се однесуваат на поголема интеграција на Албанците во државните институции. Тој го истакнал позитивниот пример за вработувањето на 11 албански доктори во Прешево и во Бујановац и, како што рече, тоа било одраз на „добрата политичка волја“. Меѓу барањата доставени до Вучиќ е и добивањето министер за локална самоуправа, помошник-министер за економија, државен секретар во Министерството за правда и именување албански координатор за општините Прешево, Бујановац и Медвеѓе. За специфичниот однос на малцинствата, говори и примерот на парламентарните претставници од Српската листа, која со своите десет пратеници гласаше за формирањето на новата влада на Авдулах Хоти, а без притоа да го поврзе со водењето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
По одржувањето на предвремените парламентарни избори во Македонија, ДУИ доби 15 пратеници, со што се засилија националните апетити на Али Амети, за остварувањето на предизборното ветување за „премиер Албанец“. За оваа идеја тој веќе побарал и поддршка од другите албански партии што освоија пратеници. Кандидатот за прв албански кандидат за премиер Насер Зибери, со голема егзалитираност од неочекуваниот успех на интегративците, на Фејсбук пишуваше за „обединувањето на сите албански партии и сите граѓани во нашата националната кауза“. Ветувањата со кои настапи во кампањата „првиот албански премиер“ се далеку од здравата политичка логика. Прифаќањето на желбите на Зибери, како што е имплементирање консензуално законодавство и заедничко водење на десет најважни државни институции од еден Македонец и еден Албанец, ќе значи само нови блокади за Македонија на патот за пристапување во Европската Унија. Лидерите на најголемите македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаат предлогот на ДУИ. Долгите и исцрпувачки преговори за формирање ново парламентарно мнозинство ќе значат и вовед во нова политичка криза, која неминовно ќе води и до брзи парламентарни избори.