Србија
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон и шефот на дипломатијата Медлин Олбрајт утре ќе присуствуваат на 20-годишнината од влегувањето на НАТО-трупите на Косово. Клинтон и Олбрајт ќе присуствуваат на централниот собир во Приштина, што се организира под називот „За нашата слобода“. Не се исклучува можноста тие да се обратат пред граѓаните, објавија косовските медиуми.
Бил Клинтон беше главниот фактор во донесување на одлуката за бомбардирање на поранешна Југославија. Ова ќе биде негова четврта посета на Косово од 1999 година. Во знак на благодарност, косовските власти именуваа еден плоштад и една главна улица со неговото име. Во една од приштинските населби е поставен и споменик на Бил Клинтон.
– Историјата покажа дека бомбардирањето на СРЈ во 1999 година беше неопходно и легитимно, бидејќи го прекина насилството, а бегалците можеа да се вратат дома, додека КФОР помогна да се создаде безбедна средина во Косово за сите, вклучително и за српските заедници – смета генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Тој е свесен дека НАТО сѐ уште предизвикува контроверзии во Србија, а многумина сѐ уште имаат болни спомени од воздушната кампања во 1999 година.
– Таа кампања никогаш не беше насочена против српскиот народ. Напротив, целта беше да се заштитат цивилите во поширокиот регион со запирање на активностите на режимот на Милошевиќ, што ги осуди меѓународната заедница. Ние никогаш не смееме да го заборавиме минатото, но мора да научиме од него и да го оставиме зад себе – нагласи Столтенберг во разговор за весникот „Политика“.
Тој додаде дека тоа што НАТО и Србија го прават преку партнерството е корисно за НАТО, за Србија и за поширокиот регион.
На 9 јуни 1999 година, во кампот на француската бригада на НАТО, што беше стациониран на спортскиот аеродром „Аџитепе“ кај Куманово, по петдневни преговори, генералите на СР Југославија и НАТО го потпишаа т.н. Воено-технички договор за повлекување на тогашните југословенски (СР Југославија односно Србија и Црна Гора) воени и безбедносни сили од јужната српска покраина Косово.
Со потпишувањето на овој договор престанаа бомбардирањата на територијата на СР Југославија, пред сѐ на Србија, од силите на НАТО.
Операцијата со кодно име „Сојузничка сила“ на НАТО против СР Југославија почна на 24 март 1999 година и заврши на 10 јуни истата година, позната како „Косовска војна“. Тоа е втора поголема борбена операција во историјата на НАТО, по бомбардирањето на босанските Срби во 1995 година.
Во нападите што траеја 78 дена без прекин, тешко беа оштетени многу инфраструктурни и стопански објекти, училишта, здравствени установи, медиумски куќи, споменици на културата, цркви и манастири. Најголем број од жртвите во бомбардирањето беа цивили, а нивниот број според разни извори е од 500 до 1.200 загинати. НАТО-бомбардирањето врз СРЈ беше без согласност од Обединетите нации.