По повеќемесечното ембарго, американските истражители ја одмрзнаа истрагата против синот на новоизбраниот американски претседател. Имено, Хантер Бајден, синот на Џо Бајден, е осомничен поради наводни постапки за даночна измама. Пред извесно време, по препорака од американското министерство за правда, истрагата беше прекината како дел од забраната за сите активности што може да влијаат врз резултатот на претседателските избори.
Кога веќе мина можноста за таквите импликации, ФБИ, Федералното обвинителство во Делавер и даночната администрација продолжија со стандардните истражни дејства против Бајден Јуниор, во моментот кога неговиот татко го формира скелетот на својата идна администрација.
Во наредниов месец би можеле да бидеме сведоци на многу парадоксален пресврт: идниот јавен обвинител – назначен од неговиот татко – ќе ја надгледува тековната истрага за даночните обврски на Хантер Бајден.
Синот на новоизбраниот претседател стана омилена цел на критики и обвинувања од страна на Доналд Трамп и неговите соработници релативно одамна, уште кога се навести дека неговиот предок би можел изборно да одговара на сегашниот жител на Белата куќа.
Сѐ уште се памети скандалот по објавениот транскрипт од разговорот помеѓу Доналд Трамп и украинскиот претседател Владимир Зеленски, во кој Трамп побара осум пати истрага против синот на Бајден, Хантер.
Дипломатскиот притисок на Трамп врз Украина и обидот за злоупотреба на претседателското место за негов изборен профит, на крајот резултира со поведување парламентарна постапка за импичмент, негово сопствено отповикување.
Факт е дека во 2014 година Бајден Јуниор е назначен во бордот на директори на украинската гасна компанија, откако неговиот татко, како потпретседател во мандатот на Барак Обама, стана главен комесар на САД за прашањето за руската анексија на Крим.
Украинските обвинители, сепак, не пронајдоа докази против Хантер Бајден во неговото деловно работење, како и истрагата на американскиот Сенат за непотребното влијание на поранешниот потпретседател врз профитот на неговиот син.
Доналд Трамп и Руди Џулијани сепак опсесивно останаа фокусирани на Хантер Бајден речиси во текот на целата изборна кампања: во своето финале, Џулијани тврдеше дека нашле лаптоп во сервис во Делавер што може да биде клучен доказ против Хантер Бајден и можни незаконитости во неговиот бизнис во странство.
Сепак, Асошиејтед прес, според извори блиски на истрагата објави дека сегашната даночна истрага против Хантер Бајден се однесува на неколку финансиски трансакции и дел од неговиот кинески бизнис и дека нема никаква врска со лаптопот споменат од Џулијани.
Адвокатската канцеларија на САД во Делавер е предводена од Дејвид Вајс, кој во февруари 2018 година беше назначен на оваа функција токму од Трамп.
Бурниот живот на Хантер Бајден и долготрајната борба со зависности досега му нанесоа многу болка, па дури и ниски политички удари на неговиот татко, но новоизбраниот американски претседател никогаш не престана јавно да го брани. Хантер Бајден е неговиот единствен жив син: постариот Бо Бајден почина во 2015 година од рак на мозокот.
Тимот за транзиција во кампањата Бајден – Харис даде посебна изјава по веста за продолжување на истрагата против Хантер: „Претседателот Бајден е исклучително горд на својот син, кој мина низ тешки предизвици и сурови лични напади во последните месеци, при што стана уште посилен.“