Основниот суд во Приштина издаде налог за апсење на потпретседателот на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, јави Радио-телевизија Србија.
РТС наведува дека налогот за негово апсење е издаден поради сомнеж дека е поврзан со случајот со убиството на лидерот на партијата на косовските Срби, Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда (СДП), Оливер Ивановиќ.
Обвинителот Суљ Хоџа потврди дека специјалното обвинителство побарало од посебното одделение за тешки злосторства на Основниот суд во Приштина да издаде налог за апсење на Радоичиќ и дека очекува негово апсење кога ќе влезе во Косово.
Полицијата во ноември минатата година се обиде да го уапси Радоичиќ во северниот дел на Косовска Митровица, но не го најде во неговиот стан.
Во таа акција беа уапсени тројца Срби, на кои им е одреден судски притвор, а кој, според сегашната одлука, може да трае до 23 февруари.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по апсењето на Милан Радоичиќ, изјави дека тој не е убиецот на Оливер Ивановиќ.
– Ние ги баравме чаурите од Приштина за да видиме од која пушка е убиен. Да видиме дали сме во право или не. Никогаш не ги добивме чаурите – изјави Вучиќ.