Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека парламентарните и локалните избори ќе се одржат на 21 јуни.
„Танјуг“ пренесува дека Вучиќ го соопштил ова по состанокот со претставници на партиите кои најавија дека ќе излезат на изборите.
– Ја прифативме идејата на некои политички партии, кои бараа дополнителни пет дена, за изборна кампања, во согласност со законот, да имаат 38 дена до тогаш. Изборите ќе се одржат на 21 јуни – рекол Вучиќ.
Тој додал дека во мај нема да има поголеми партиски собири.
– Ќе донесеме упатство за спроведување на изборите, како и на кој начин да се обезбеди сигурно извршување на изборните процеси, а потоа во текот на самиот изборен процес со епидемиолозите ќе одлучуваме како ќе правиме понатаму – рекол српскиот претседател.
Вонредната состојба во Србија ќе биде укината на 6 мај.