Албин Курти, Лидерот на Самоопределување е кандидат за премиер на Косово

Изборите на Косово донесоа први значајни промени во гласањето на граѓаните по завршувањето на војната, затоа што првпат по 20 години се исклучени од власта поранешните борци на ОВК, се коментарите на светските медиуми.
Весникот „Њујорк тајмс“ нагласува дека косовските доминантни политички личности досега биле луѓе што се истакнаа како борци и ја задржаа власта, иако не успеаја да осигурат траен мир и да го спречат економскиот распад на земјата, пренесува Радио Слободна Европа.

– На парламентарните избори во неделата, во Косово, нова генерација политичари понуди сериозен предизвик. Опозициските партии ја добија власта, а се чини владејачката партија целосно е победена на избирачките места – пишува „Њујорк тајмс“.
Од прелиминарните резултати, од 95,88 отсто од преброените гласови на предвремените парламентарни избори на Косово, партијата Самоопределување на Албин Курти освоила најмногу гласови, 0,74 отсто повеќе гласови од Демократскиот сојуз на Косово. За Самоопределување гласале 25,74 отсто од граѓаните, додека Демократскиот сојуз на Косово освоил 25,05 отсто.
Како што објави агенцијата АП, изборите биле одржани со повик на водачите да се продолжи дијалогот со Србија, по симнувањето на блокадата со воведување царини од 100 отсто за српските производи, од претходната влада на Рамуш Харадинај.
Агенцијата „Франс прес“ наведува дека гласачите означиле промена на Косово со изборот на опозициските партии, кои им нанеле тежок пораз на поранешните герилски шефови по две децении власт.

– Новите лидери на Косово ќе бидат соочени со двоен предизвик, да не го разочараат населението, но и да одговорат на барањата на Западот, кој очекува решение на судирот со Србија, што е еден од главните извори на нестабилност во Европа – пишува „Франс прес“.
За новата косовска власт една од најчувствителните теми ќе биде институционалната организација на просторот на кој живеат околу 120.000 косовски Срби, кои својот глас го дадоа за кандидатите на Српска листа, која е продолжена рака на владејачката партија во Белград, пренесуваат светските медиуми.
„Франс прес“ потсетува на изјавата на претседателот на Србија Александар Вучиќ за тоа дека е подготвен да разговара со Курти, кој подолго време се залагаше за отфрлање на преговорите со Белград.

Би-би-си пишува дека поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово добиле „изборни рани“, а гласачите ги казниле поради „ендемската корупција и недостиг од економски развој“.
Лидерот на Самоопределување и кандидат за премиер на Косово, Албин Курти, по изборите изјави дека неговата партија почнува да работи на формирање нова влада.
– Ние упорно работевме, долго време бевме ангажирани, но сето тоа се исплатеше. Тоа е нашата жртва и сметавме дека тоа е наша обврска и ние ќе ја вратиме земјата на правиот пат – рече Курти.
За дијалогот со Србија, како иден премиер ќе ја преземе обврската што му припаѓа според Уставот, но сега прашањето нема да биде што ѝ дава Косово на Србија во замена за признавањето, туку долгот што Србија го има кон Косово.


Без бланко-поддршка од Србите

На вонредните парламентарни избори на Косово, според целосно преброените гласачки ливчиња, најмногу гласови, односно 199.783 гласа освои движењето „Самоопределување“, или 25,6 отсто. На второто место е Демократскиот сојуз за Косово, со 194.250 гласа или 24,89 отсто, а трета е Демократската партија на Косово, со 164.385 гласа или 21,07 отсто.
Коалицијата Алијанса за иднината на Косово и Социјалдемократската партија освоила 89,11 гласа (11,52 отсто), додека за НИСМА-алијанса ново Косово гласале 38.143 гласачи (4,89 отсто).
Српската листа на целата територија на Косово освои 52.336 гласа, или 6,71 отсто од вкупниот број на гласачи. Додека од другите три српски партии, Самостојна либерална партија доби 1.187 гласа, или 0,4 отсто, Партијата на косовските Срби има 788 гласа, или 0,1 отсто, а Коалицијата слобода освои 715 гласа, или 0,09 отсто.
Движењето „Самоопределување“ на Албин Курти ќе има 30 пратенички места во новиот парламент на Косово, а Демократскиот сојуз на Косово 29 пратеника. Српската листа ги освои сите десет загарантирани места за малцинствата. Косовскиот парламент има 120 места.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија во Собранието на Република Србија, Марко Ѓуриќ, по изборите изјави дека сите одлуки и евентуалното учество на Србите во новата косовска влада ќе бидат донесени заеднички во Белград.
– Мора да се договараат со Српската листа доколку сакаат легитимна власт. Приштина не може да смета на бланко-поддршка во формирањето на новата влада – порача Ѓуриќ.

Марко Ѓуриќ