Босна и Херцеговина нема да дозволи да стане собиралиште на мигранти на Западен Балкан и каква било финансиска помош, која би била насочена кон тоа, нема да прифатиме – изјави денеска претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.
Тој потсети дека БиХ сега има шест центри во кои можат да бидат сместени максимално 4.500 мигранти и тоа е тој број со кој може да се носи и управува со центрите, имајќи го предвид фактот дека на БиХ најважно прашање и е гарантирање на безбедноста.
Звиздиќ напомена дека ќе се продолжи со односот кон мигрантите врз основа на главните принципи, меѓу кои првиот е хуман начин на постапување кон нив, како и почитување на меѓународните и домашните закони за регулирање на таа област.
Меѓутоа, доколку границите кон ЕУ бидат целосно затворени, тогаш БиХ ќе оди во насока на затворање и на своите, потврди Звиздиќ, бидејќи доколку биде зголемен приливот на мигранти преку балканската рута, ќе се заштитат и границите на Федерацијата.
Тој најави дека Советот на министри на БиХ утре ќе разговара за ова прашање на седницата кога ќе разговара за новиот број на полицајци, за начините за заштита на источните граници, како и за нови пораки до соседите на БиХ да не форсираат минување на мигранти од Србија и Црна Гора во БиХ.
– Тоа не е добрососедски однос, тоа не е коректен однос и тоа ќе го стопираме. Втори по број мигранти, кои доаѓаат во БиХ, се оние од Иран, кои пристигнуваат во Србија како туристи и влегуваат во БиХ како мигранти, бидејќи Србија и Иран имаат безвизен режим – објасни Звиздиќ.
Тој јасно порача дека тоа веќе нема да се дозволи, туку ќе се направи распределба и мигрантите, кои доаѓаат од земјите погодини од војна, ќе имаат приоритет, а за останатите и БиХ ќе распореди полицајци на границата, каде што мигрантите кои илегално влегуваат во БиХ ќе бидат вратени во Србија и Црна Гора.
Исто така, тој изнесе податок дека ниту едно донирано евро за справување со мигрантската криза не поминало низ системот за финансирање на БиХ, туку средствата биле испраќани преку меѓународни организации, а се работи за износ од шест милиони евра.