Косово

Поради сомневање за илегална трговија со човечки органи, здравствената инспекција на Косово привремено затвори четири приштински болници, а против 17 здравствени работници и лица се поднесени кривични пријави. Сите предмети сѐ уште се во истражна постапка, објави „Танјуг“.

Нора Красниќи, в.д. главна инспекторка за здравство во косовското министерство за здравје, изјави дека во текот на инспекцијата во овие приватни болници е утврдено дека се занимаваат со незаконска активност, а смрзнатите човечки ќелии се пренесени на Одделението за гинекологија на косовскиот универзитетски клинички центар на чување, пренесуваат српските медиуми.

Приштинскиот весник „Газета експрес“ пишува дека косовската полиција спровела одредени мерки кон здравствените работници што работеле во посочените болници.
Баки Кељани, портпарол на косовската полиција, изјави дека од Одделението за трговија со човечки органи во текот на истрагата на инспекцијата во болниците утврдиле низа криминални дејства, незаконска трансплантација и трговија со човечки органи и ќелии.

– Предметите се однесуваат на приватни клиники за кои се сомнева дека сториле кривични дела како незаконска трансплантација и трговија со човечки органи, соизвршителство и неодговорно лекување. Против осомничените лица се поднесени кривични пријави и истрагата е во тек – изјави Кељани.

Адвокатот на една од приватните клиники, Бесник Бериша, тврди дека нема докази дека постои злоупотреба на човечки ќелии или ембриони. Според него, сѐ што е наведено во евиденцијата на Инспекторатот за здравство се некои технички недостатоци во врска со водењето на евиденцијата.