Западен Балкан треба да биде геополитички приоритет на Европската Унија. Од друга страна и регионот треба да се надмине себе си во настојувањето да стане квалитетен партнер во процесот на проширувањето, изјави денеска генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу, на состанок на Работната група на ЕУ за Западен Балкан и Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Како што наведуваат во соопштението, на неформалниот состанок одржан во Сараево и свикан од Романија, која е претседавач со ЕУ и БиХ, која е претседавач со Процесот за соработка, Брегу истакна дека регионалната соработка е најважното достигнување на Западен Балкан и досега се оствариле две корисни работи.
-Тоа е стабилноста, иако често е претерано користена, но и натаму е клучен збор за регионот и ‘Регионалниот економски простор’, кој носи различни практични предности што се одразуваат во секојдневниот живот на граѓаните, рече Брегу.
За тоа дека тој регионален економски простор и соработка носи полза, се согласуваат 72 отсто од граѓаните на Западен Балкан, подвлече Брегу, додавајќи дека претстои и натаму долг пат со многу предизвици, како таа соработка да се продлабочи. Таа додаде дека факт е, и дека проширувањето на ЕУ има големо влијание во регионот на Западен Балкан.
На состанокот во Сараево учествуваа политичките директори на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и претставници на земјите членки на ЕУ, а се разгледувале начините како најдобро да се искористи досегашната структура и достигнувања во регионалната соработка во ЈИЕ, во светло на процесот на европските и евроатлантските интеграции .