Во нацртот на граѓанскиот законик ќе се најде и предлог за легализација на евтаназијата во Србија. По двегодишна дискусија, владината комисија за изготвување на овој кодекс одлучи во најновата верзија на пред-нацртот да вметне одредба за можноста заболени од тешки и неизлечиви болести да го завршат својот живот на достоинствен начин, со нивна одлука или во согласност со нивните најблиски, објави „Политика“.
Досегашната законска регулатива во Србија не дозволува одземање на животот на кој било пациент, затоа што се тргнува од претпоставката дека фармакологијата толку напреднала што постојат лекови кои ќе ги смират сите болки. Зоран Радовановиќ, претседател на Етичкиот комитет на Српското лекарско друштво, во прилогот на РТС посветен на темата евтаназија, вели дека теоријата и практиката не се совпаѓаат.
– Сите ние знаеме некој што се мачел и што трпел големи болки и што би бил среќен некој да му ги скрати маките. Тоа е разликата меѓу теоријата и животот. Многу наши сограѓани умреле во маки затоа што немало лекови кои во светот се стандардна терапија за лечење на болните од рак во последната фаза од болеста – вели Радовановиќ.
Онкологот Младен Првуловиќ, претседател на етичкиот одбор во Лекарската комора на Србија, тврди дека сите оние кои поради големи болки барале од лекарите да бидат убиени, се предомислувале во миговите кога тие се чувствувале добро. Тоа се покажало и во многу експерименти, како и оној кога во соба полна со пациенти од неизлечиви болести, на масата било ставено шишенце со отров. Секако, тоа било плацебо, но ниеден од пациентите не го испил.
Кардиологот и протаѓакон Петар Дабиќ е против еувтаназијата во која било ситуација.
– Евтаназијата подразбира дека постои извршител, а јас се прашувам кој би можел да го прави тоа со мирна совест и потоа да продолжи со својата медицинска практика – посочува Дабиќ.
Декларацијата на Советот на Европа не го поддржува „доброволното“ одземање на живот, но ова тело има донесено Водич за лечење на тешко заболените лица, но и за поддршка на фамилиите, кој се состои во давање на психолошка, духовна и медицинска помош. Меѓутоа, тоа не се однесува и во случајот со Србија.
– Овде семејството се обидува таквиот пациент да го смести во болница, а оттаму ќе речат дека немаат место и пациентот се враќа дома. Тоа им создава тешкотии на роднините. Непријатно е во мал стан во кој живеат три генерации, внукот да гледа како неговата баба се мачи. Ние сме сиромашно општество и не можеме да ги следиме препораките од Советот на Европа – вели Првуловиќ
Во Швајцарија, можноста за асистирано самоубиство е воведена во 1941 година. Денеска таа се препознава и како земја за „самоубиствен туризам“. Ако порано евтаназијата се правела исклучиво поради милосрдие и се спроведувала над лица кои поминувале низ тешки болки, денес таа добива нови облици. Медиумите ја пренесуваат информацијата дека 21 отсто од пациентите кои одлучиле да умрат во клиниките во Швајцарија не биле смртно болни. Во Холандија, која е водечка на оваа листа, само шест отсто од пациентите барале евтаназија поради болките. Другите тоа го побарале затоа што не можеле да го продолжат животот како што тие би сакале.