Сараевскиот отворен центар (СОЦ) испратил допис до Централната банка на Босна и Херцеговина во кој се предлага на банкнотите на оваа држава да се најдат женски ликови. Како најпогодни за оваа намена се предлагаат Адела Бер Вукиќ, Мица Тодоровиќ, Вахида Маглајлиќ, Вера Шнајдер и Лаура Папо-Бохерта.
– На овој начин барем на еден дел босански жени ќе им се отстапи заслужено место во јавниот простор. Со ова на симболичен начин ќе се намалат родовата нерамноправност и нееднаквата застапеност и ќе се покаже дека се вреднуваат работата и придонесот на овие значајни жени од босанскохерцеговската историја – велат од СОЦ.
На банкнотите на конвертибилната марка се претставени само мажите: Меша Селимовиќ, Мак Диздар, Алекса Шантиќ, Антун Бранко Сумиќ, Филип Вишњич, Муса Ќазим Чатиќ, Јован Дучиќ, Никола Шоп, Петар Кочиќ и Иво Андриќ. Од друга страна, историјата на БиХ ја одбележале многу припаднички од женскиот пол, а кои немале ни право на глас. Меѓу нив се уметнички, учителки, докторки, научнички, поетеси, кои неоправдано биле заборавени, а можеби и намерно тргнати настрана, пишува „Дневни аваз“.
Повеќето од заслужните жени немаат ни своја улица или споменик, а ретки се исклучоците кога нивните имиња се на називите на училиштата. За нив малку се учи во учебниците, а припадниците на сегашните генерации не ги познаваат нивните основни биографии. Со ставањето на нивните ликови на парите состојбата би можела да се подобри.
Од Централната банка на БиХ се запознаени со идејата за редизајнирање на банкнотите со апоени од 10, 20, 50, 100 и 200 КМ, но, како што напоменуваат, за нивниот изглед и дизајн треба да се добие претходно одобрување од Претседателството на БиХ.
Преговорите за сегашниот дизајн на првиот комплет на банкноти траеја повеќе месеци. Дизајнот е претставен на 21 јануари 1998 година. За конечниот изглед на парите тогаш пресече висок меѓународен претставник, и во договор со гувернерот на Централната банка одлучи на парите да се најдат писатели од сите три националности во БиХ.
Така, банкнотите биле издавани во две верзии, со бошњачки и хрватски писатели, кои се користени во Федерацијата на БиХ, а српски за парите во Република Српска. Денеска во сите ентитети се купува и продава со сите банкноти без разлика на тоа кој писател се наоѓа на нив.