Односите меѓу Турција и САД не може да бидат „асиметрични“ и ако Вашингтон не ја промени својата политика, Анкара би можела да почне да бара нови сојузници, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во авторски текст во „Њујорк Тајмс“ под наслов „Како Турција гледа на кризата со САД“, Ердоган предупредува дека „едностраните мерки против Турција од страна на САД, кои се нејзин сојузник со децении, само ќе послужат за поткопување на американските интереси и безбедност“.
– Пред да стане премногу доцна. Вашингтон треба да се откаже од погрешната претстава дека нашите односи може да бидат асиметрични и да го прифати фактот дека Турција има алтернативи. Ако САД не ја променат својата тенденција кон унилатерализам и непочитување, ќе не натераат да побараме нови партнери и сојузници, наведува Ердоган во текстот.
Ердоган потсетува дека во изминативе децении САД секогаш можеле да сметаат на поддршката на Турција, како во случајот со Корејската војна, кубанската ракетна криза или активностите во Авганистан по терористичките напади на 11 септември, но дека во исто време Вашингтон „повеќепати не ја сфатил и почитувал загриженоста на турскиот народ“.
– Последниве години нашето партнерство е ставено на испит поради несогласувања. За жал, нашите обиди да ја промениме таквата состојба беа залудни. Ако САД не почнат да го почитуваат суверенитетот на Турција и да докажат дека ја сфаќаат опасноста со која се соочува нашиот народ, нашето партнерство може да биде загрозено, истакнува Ердоган.
Турскиот претседател натаму во текстот ги обввинува САД дека продолжуваат со „закани кон пријателска земја и санкции кон неколку министри во Владата“ на Турција.
– Таквите постапки се неприфатливи, нерационални и во крајна линија му наштетуваат на нашето долгогодишно пријателство, посочува Ердоган во авторскиот текст во „Њујорк Тајмс“.