Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, за турскиот медиум „Јени Сафак“ напиша статија по повод петгодишнината од обидот за воен удар во Турција, што беше извршен од воен персонал лојален на терористичката организација Фетулачи (ФЕТО) ноќта на 15 јули 2016 година.
Ердоган во пораката пишува дека Турција е непобедлива и дека храбриот турски народ бил обединет на 15 јули и остварил голема победа против пучистите. Тој вели дека 15 јули испраќа специјална порака и лекција до целиот свет.
– Оваа голема победа со која го запревме обидот за државен удар и окупација, беше значајна лекција и порака што му покажа на целиот свет што можеме да сториме за да ја заштитиме волјата на народот и демократијата – напиша Ердоган.
Тој додава дека пучистите ги насочиле своите оружја, тенкови и авиони кон луѓето, но биле запрени од народот, државата и безбедносните сили.
Ердоган вели дека турскиот народ, односно жени, мажи, млади и стари, обединети и рамо до рамо впишале победа, иако 251 лице го положиле својот живот како маченици во таа борба.
Турскиот претседател наведе дека Турција одлучно ја продолжува борбата против ФЕТО, која, според него, е глобална мрежа на предавници.
– Продолжуваме да бараме членови на ФЕТО и во земјата и во странство и да ги предаваме на турското судство. Каде и да бегаат, во кој било дел од светот, нема да се откажеме од нашата борба сѐ додека последниот член на ФЕТО не биде изнесен пред лицето на правдата – напиша Ердоган.