Не е познато која виша сила ја поттикна германската владејачка коалиција да донесе одлука за прифаќање на еден дел од децата бегалци од грчките бегалски кампови. Токму тоа, пред неколку седмици во целост беше одбиено од германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој на состанокот со своите европски колеги, им порача „Германија нема ништо да преземе сама, тоа мора да се случи во рамките на Европската Унија“.
Се чини, состојбата се промени откако телевизиските гледачи пред неколку дена повторно мораа да ги гледаат уплашените детски очи на грчко-турската граница, како и озлогласените бегалски кампови. Така е со хуманоста – ако никој не ја види, ја нема. Меѓутоа, камповите за мигранти на грчките острови постојат од бегалската криза од 2015 година. Тогаш се сметаше дека тие се преодно решение. Пет години подоцна, тие преминаа во големи „потреси“, кои би биле срам и за секоја земја од Третиот Свет.
Оттогаш се говори за сѐ полошите услови за живот: немање греење, тушеви, тоалети, заштита од дожд, недостиг од храна, немање училишна настава. Шаторите тонат во кал и смет. Безнадежноста кај децата и младите доведува до тешки депресии. Секој може да го види и да чита за тоа: медиумите редовно покажуваат во какви услови живеат луѓето таму.
Во европските главни градови никој не се чувствува одговорен. По прогласувањето на Грција за последната станица за бегалците на источната медитеранска маршрута и по склучувањето на договорот со Турција за реадмисија, како да произлегува дека за ЕУ тоа прашање е решено. Но за овие бедни кампови не е виновен турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Колку и да ја заслужил етикетата на лош сосед, на немилосрден автократ и неодговорен политички коцкар – тој не е одговорен за очајните услови во бегалскиот камп Морија на Лезбос. За тоа, пред сѐ, е одговорна грчката влада, која овде ја демонстрира сопствената мешавина од лоши намери, организациска неспособност и свесен јавашлак.
Често користениот изговор за долгогодишната должничка и економска криза, овде не поминува. Европската Унија префрли стотина милиони евра помош во Атина и даде поддршка на самото место, и сега дополнително дава дополнителни 350 милиони евра. Ова треба да биде доволно за да се обезбедат нормални услови за живот за околу 70.000 бегалци во Грција. Но да не се лажеме: страшните слики што доаѓаат од Лезбос и од другите места е нешто што се сака. Затоа што тие би требало да застрашат.
Освен тоа, ЕУ во целост и принципиелно потфрли. Поради страв од растечкиот десничарски популизам, земјите-членки се откажаа од правата на азил и човекови права и зборот „бегалци“ дојде на црната листа. Европејците со години се однесуваа како деца, кои со рацете ги затвораат очите, за да не го видат проблемот. Не можеме да го решиме? Тогаш се правиме дека е решен!
Но кога сега хуманоста во Германија повторно е дозволена во мали дози, тогаш конечно направете нешто: извлечете ги овие деца оттаму и младите што се без придружба, дури и да се постари од 14 години, а ако не се девојчиња и не се болни. Вакви вештачки ограничувања повторно служат само за одбрана. Сево ова можеше да се направи пред неколку години, но сепак подобро е да се случи сега отколку никогаш! Храбар исчекор на неколку градоначалници од сите делови на Германија, можеби, помогна на некои од Берлин да им се објасни дека неколку стотина деца не може да ја стават на колена богатата индустриска германска нација.
Значи, наместо да се нервираат поради претседателот Ердоган и неговиот обид за вршење притисок на турско-грчките граници, германските политичари би требало да се погледнат во огледало и да се срамат поради недостигот од лична храброст. И затоа поштедете нѐ од ова неподносливо лицемерство.
Барбара Везел, авторка на текстот „Ердоган и бегалската криза“, објавен на „Дојче веле“