Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на митингот во Сараево ги искритикува европските земји, кои одбија да му дозволат да одржи предизборни собири на нивната територија. Тој исто така ги повика турските иселеници да гласаат за него и за неговата владејачка партија на изборите следниот месец.
На митингот во сараевската спортска сала „Зетра“ каде што околу 15 илјади поддржувачи на Ердоган вееја знамињата на Турција и на Босна и Херцеговина, тој рече дека европските Турци го поддржувале во минатото и оти сака така да биде и следниот месец.
– Како Турци во Европа, вие нѐ поддржувавте на изборите во ноември 2015 година, како и на јавното гласање во април лани. Сега повторно ни треба вашата поддршка за изборите на 24 јуни – рече Ердоган.
Пред минатогодишниот референдум, турски министри посетија неколку европски земји, вклучувајќи ги и Холандија и Германија, кои имаат големи турски заедници, за да соберат поддршка за промените. И покрај сегашното противење во Европа на турската кампања во странство, Ердоган минатиот месец рече дека сепак ќе одржи предизборен собир во европски град.
– Во време кога славните европски земји, кои сметаат дека се лулка на демократијата, паднаа на испитот, Босна и Херцеговина покажа дека не е наводна, туку вистинска демократска земја со тоа што ни даде можност да се собереме тука – забележа турскиот претседател во својот говор.
Според професорот на Филозофскиот факултет во Мостар, Миле Ласиќ, обидот на претседателот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ посетата на турскиот претседател на Сараево да ја искористи за „потурчување на Бошњаците“ ќе им се удри во главата и на Бошњаците и на целата БиХ.
– Неумесно е тоа што со ова БиХ се оддалечи за неколку чекори од ЕУ, а зачленувањето во неа во иднина би била мисловна именка – изјави Ласиќ за Кликс.
Според него, пораките што биле испратени од овој предизборен собир на Ердоган се срамни, а целиот настан бил бесрамно искористен за манипулација од двете страни односно од Изетбеговиќ и од Ердоган.
– Изетбеговиќ во својот настап во „Зетра“ ги помеша и историјата и верата и политиката, со што покажа дека не е просветлен политичар – додаде Ласиќ.