Турција нема да потклекне пред заканите и уцените, порача денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, откако САД најавија двојно зголемување на царините за увоз на турски челик и алуминиум, јави ДПА.
На собир на приврзаници на неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) во северниот турски град Ѓумушхане, Ердоган порача дека оние кои не преземаат никакви мерки против исламскиот проповедник Фертулах Ѓулен, „кои ги штитат и чуваат во палати, не можат да и држат лекции по право“ на Турција.
Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за преврат во Турција во 2016 години, живее во доброволен егзил во САД. Анкара бара негова екстрадиција од САД, на што Вашингтон одговори дека ќе го предаде Ѓулен дури отккао ќе добие недвосмислени докази за негова вмешаност во обидот за преврат.
– Тие не може да го користат јазикот на закани и уцени против нашата нација. Заканите врз нашата нација нема да ги доведат до никаде, нагласи Ердоган, без при тоа директно да ги спомене САД или американскиот претседател Доналд Трамп.
Ердоган во обраќањето повика на решавање на проблемите преку преговори и дипломатија, бидејќи, како што рече, „сите поинакви начини ќе доведат само до ќор-сокак“.