Европската комисија во Извештајот за напредокот на Турција во процесот на евроинтеграција наведува дека земјата не постигнала напредок и оти дури брзо се движи назад.
Во Извештајот се посочува дека Турција и понатаму ја ограничува слободата на политичките опоненти и медиуми, а нема постигнато напредок во борбата против корупцијата.
Турција е критикувана и поради големи недостатоци во областа на владеењето на правото, човековите права и слободата на изразување.
Брисел бара од Анкара и укинување на вонредната состојба, што е воведена по неуспешниот државен удар во јули 2016 година.
ЕК предупредува дека годините на напредок во исполнување на европските стандарди во сферата на човековите права, слободата на изразување и владеењето на правото се изгубени и оти е забележано ослабнување на демократијата во Турција, додека се зголемуваат ингеренциите на претседателот.
– Турција продолжува да се оддалечува од ЕУ со големи чекори, посебно во сферата на владеење на правото и фундаменталните права, изјави еврокомесарот Јоханес Хан по претставувањето на Извештајот.
Турција ги почна преговорите за членство во ЕУ во 2005 година, но тие стагнираат последните години.