Бројот на лицата без државјанство во балканските држави се намалува, но постапката за остварување на ова право е долга и тешка
Во 78 држави во светот живеат 3,9 милиони лица без државјанство (апатриди), а нивниот број во земјите од Западен Балкан се намалува, но овој проблем сѐ уште е присутен. Овој регион е познат и по тоа што граѓаните поседуваат двојни државјанства, но поради последните војни на Балканот и раселувањето на населението, има луѓе што се без право на стекнување државјанство. Концептот за државјанство е регулиран со меѓународното јавно право, така што лицето има право на државјанство на државата на чија територија се родило или има право врз основа на крвната врска за „преземање“ на државјанството од родителите.
Во Босна и Херцеговина, која беше најизложена на воени дејства, но и поради сѐ поголемата миграција на лицата од блискоисточните земји, има малку апатриди во целосна смисла. Меѓутоа, од крајот на мај 2020 година се регистрирани 85 лица, најмногу се во Федерацијата БиХ, на кои им е потребна помош во решавањето на државјанскиот статус, пишува „Ал џезира Балкан“.
– Главно тоа се припадници на ромската заедница, кои често живеат во тешки околности. Тоа се деца родени во странство, од родители што имале државјанство на БиХ, но кои не извршиле правилен упис во матичните книги и чии родители немаат потребни документи за упис во матичните книги на родените. Во овој број влегуваат и децата родени надвор од болница, но процедурата за впишување во матичните книги е бавна – вели Доријан Класниќ од претставништвото на УНХЦР во БиХ.
Според процените на УНХЦР во Србија, направено според последното истражување во 2015 година, како и со бројот на решени случаи во претходните пет години, во земјата живеат околу 1.950 лица со ризик да не добијат државјанство. Од нив за околу 300 сѐ уште нема направено упис во матичните книги на родените или не го потврдиле своето државјанство. Најмногу од нив се Роми, Ашкалии, Египќани…
Голем број од овие лица се припадници на ромското национално малцинство и на територијата на Република Србија живеат со генерации. Тие не се де јуре апатриди, односно лица што не се државјани на ни една држава во согласност со нивните закони. Тие се граѓани на Србија, кои од различни причини не можат да се впишат во матичните книги на родените или да го потврдат своето државјанство.
– Со измената на некои законски прописи бројот на апатридите е драстично намален – вели Јелена Милоњиќ од УНХЦР во Србија.
Оваа категорија граѓани се соочуваат со проблемите за пристап на здравствената заштита, како и на правата од областа на социјалната заштита. Тие живеат во исклучително тешки економски услови и се наоѓаат под границата на сиромаштијата. Во периодот од 2010 година, бројот на апатридите во Србија постојано се намалува и во 2015 г. без основни лични документи се 3,9 отсто од ромската заедница.
Министерството за внатрешни работи на Хрватска има регистрирано малку случаи на лица без државјанство. На крајот на јуни годинава имало 13 лица без државјанства со одобрен постојан престој и 14 лица без државјанства со привремен престој.
– Доколку имаат привремен престој, нивните права се намалени во однос на оние што имаат постојан престој и немаат право на работа, социјална помош, здравствено осигурување и бесплатна правна помош. Постапката за регулирањето на престојот за лицата без државјанства е долготрајна и тешка – порачуваат од хрватската канцеларија на УНХЦР.
На последниот попис во Црна Гора имало 4.312 лица без државјанство, а со теренската проверка во 2017 година нивниот број е сведен на 140. Владата на Македонија неодамна го усвои Законот за ратификација на Конвенцијата за намалување на бездржавјанството. Ова прашање е високо на агендата како дел од Акцискиот план за имплементација на Целите за одржлив развој и исполнувањето на фундаменталното начело – не оставај никого зад себе, од агендата за 2030, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски.
На почетокот на оваа година Македонија службено пристапи на Конвенцијата за намалување на апатридите од 1961 година, придружувајќи се на групата од 74 држави што се обврзаа дека ќе превземат мерки за елиминација на оваа појава на нејзината територија, објави порталот „Рома тајмс“. Многумина Роми сѐ уште го немаат решено статусот со државјанството поради тоа што немаат извод од матичната книга на родените и други лични документи.
Според информациите, околу 574 лица во Македонија се во статусот апатриди, од нив 298 немаат извод од родените и идентификациски документи. Од севкупната бројка на апатриди 77 отсто се Роми.
Постоењето на апатриди носи и други проблеми како што е можноста за трговија со луѓе, трговија со органи, просење, проституција и други социјални појави. Тие се изложени и на расна, етничка, верска и други видови дискриминација. Но тоа не е само карактеристика за земјите од Западен Балкан, туку и на Европа во која има 600 илјади лица без државјанство.