Партијата на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ освои најмногу гласови на парламентарните избори, но со неговите коалициски партнери му недостига еден глас за формирање ново парламентарно мнозинство
Државната изборна комисија на Црна Гора ги објави конечните резултати од парламентарните избори на 100 отсто од преброените гласови, со што беше потврдена новата победа на владејачката партија, која ја предводи Мило Ѓукановиќ. Според конечните резултати, Демократската партија на социјалистите освои 35,06 отсто, односно 143.548 гласа, за коалицијата „За иднината на Црна Гора“ 32,55 отсто, или 133.267 гласа. Коалицијата „Мирот е нашата нација“ освои 12,53 отсто, „Црно на бело“ 5,53, социјалдемократите на ЦГ освоија 4,10; Партијата на бошњаците 3,98, СДП-силна Црна Гора 3,14, Албанската листа 1,58, а албанската коалиција „Едногласно“ 1,14. Партиите на хрватското малцинство не го поминаа цензусот. На последните парламентарни избори гласале 76,65 отсто од запишаните избирачи, односно 413.954 граѓани. Важечки ливчиња се 409.451.
Известувачот на Европскиот парламент за Црна Гора, Тонино Пицула, рече дека големиот одзив на парламентарните избори значи големи очекувања на граѓаните од парламентот, бидејќи преговорите со Европската Унија треба да продолжат.
– На прва топка, јасно е дека силната политичка поларизација мотивира голем број граѓани да го искористат своето право на глас. Оваа поларизација најдобро се гледа во речиси изедначените резултати на двете водечки коалиции, но и во резултатите на некои нови политички опции, како и неуспеси на некои политички опции, изјави Пицула за РТЦГ.
Тој оцени дека многу ќе зависи од постизборниот период и од процесот на формирање нов парламент и нова влада и додаде дека поддршката на институцијата на ЕУ ќе зависи од остварувањето на квалитетот и ритамот на веќе преземените обврски.
Во првите реакции на резултатите од парламентарните избори во Црна Гора, „Ројтерс“ оцени дека изборниот резултат е тежок удар за Демократската партија на социјалистите (ДПС), која е на власт три децении, како и за самиот Мило Ѓукановиќ, кој владее со Црна Гора уште од распадот на поранешна Југославија. Би-би-си наведува дека прозападната владејачка ДПС, чиј претседател е шефот на државата Ѓукановиќ, тешко ќе може да формира влада, додека „Ројтерс“ и „Асошиејтед прес“ посочуваат дека просрпската и проруската опозициска коалиција прогласиле победа. АП наведува дека иако ДПС освои малку повеќе гласови, опозициската коалиција „За иднината на Црна Гора“ има поголем потенцијал да формира владејачка коалиција со другите учесници во изборите.
Актуелниот претседател на ЦГ и претседател на ДПС, Мило Ѓукановиќ, по објавувањето на првите резултати по затворањето на гласачките места, рече дека неговата партија освоила 30 пратенички мандати.
– Ние сме најсилна политичка партија според освоените гласови и мандати. Засега со традиционалните партнери имаме 40 мандати. Борбата за мнозинство во парламентот сѐ уште трае, ќе ги почекаме резултатите од ДИК да видиме каде е одлучувачкиот 41 мандат – изјави Ѓукановиќ.
Српскиот министер за одбрана Александар Вулин го искажа задоволството од освоените гласови на опозицијата во Црна Гора, а во која се и партиите од српското малцинство.
– Граѓаните на Црна Гора гласаа за тоа сами да се грижат за својата судбина. Црна Гора се врати сама на себе. Веќе ништо нема да биде исто – изјави Вулин.
Политичкиот аналитичар Златко Вујовиќ оцени дека падот на ДПС на изборите е одраз на незадоволството на граѓаните од работата на владејачката коалиција и социјално-економската состојба во земјата. Падот на партијата на Ѓукановиќ за шест пратенички мандати е последица на Законот за слобода на вероисповедта.
– Законот влијаеше на Српската православна црква да ги вложи своите ресурси и просрпското избирачко тело да добие свој лидер – изјави Вујовиќ.
Коалицијата собрана околу просрпскиот Демократски фронт освои 27 мандати и заедно со другите две коалиции се бори за тесно мнозинство од 41 пратеник од вкупно 81 мандат.
Хакерски напади
Веб-сајтот на парламентот на Црна Гора, завчера, за време на одржувањето на парламентарните избори во земјата, бил цел на хакерски напад. Поради тоа веб-сајтот бил блокиран од 8.29 до 10.07 часот наутро, потврдија црногорските власти.
Засега нема објаснување кој е извршител на нападот, ниту се знае како точно бил извршен нападот.
И порталот на весникот „Вијести“ соопшти дека еден месец бил цел на ДДоС-напади, поради кои било отежнато функционирањето на сајтот. Хакерски напади пријавиле и ЦдМ и порталот „Аналитика“.