Во документот на ЕУ не се наведува сумата на европската помош што ќе биде наменета за земјите од Западен Балкан, но претходно беше најавено дека таа ќе биде неколку милијарди евра
Европската Унија разговара за новиот пакет помош за Западен Балкан, за да му помогне на регионот да се справи со пандемијата на коронавирусот и економските последици. Во првиот нацрт на декларацијата што се очекува да биде усвоена по видеоконференцијата на лидерите на ЕУ и на Балканот, закажана за 6 мај во Загреб, се вели дека пакетот ќе биде „многу брзо мобилизиран“, но не се наведува сумата што ќе биде наменета за регионот, објави Радио Слободна Европа, кое имало увид во документот.
Официјални претставници на ЕУ изјавиле дека сумата не е позната бидејќи сè уште не се објавени сите придонеси.
Според претходно достапните информации, Европската комисија го подготвува инвестицискиот пакет, кој треба да се мери во милијарди евра. Едниот дел од парите би требало да го обезбеди комисијата, а другиот Европската инвестициона банка. Сѐ уште не е јасно дали овој пакет ќе биде презентиран во мај, како што беше најавено, или ќе биде одложен за есенва, бидејќи од Европската комисија праќаат сигнали дека во моментот се фокусирани на борбата против пандемијата на коронавирусот.
Во нацрт-декларацијата се вели дека пакетот „вклучува итна поддршка за здравствениот сектор, особено преку испорака на основните материјали за спасување животи, и значителна поддршка за социјалните и економските потреби за закрепнување“ на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и на Србија.
Помошта ќе биде дополнување на веќе обезбедените 38 милиони евра (41 милион американски долари), ветени од Брисел во март, како непосредна поддршка на шесте земји за решавање на здравствената итна состојба предизвикана од коронавирусот. Парите, исто така, се дополнување и на пакетот од 750 милиони евра (812 милиони американски долари), објавен минатата недела за макрофинансиска помош на Балканот.
Во документот се повикува Европската комисија „да излезе (наесен) со силен економски и инвестициски план за регионот, за да ги рестартира економиите, истовремено подобрувајќи ја нивната конкурентност, за подобро да ги поврзе со ЕУ“.
На овој документ му претходеше дипломатска комуникација меѓу ЕУ и Србија за тоа кој повеќе помогнал во справувањето со корона-кризата, а повод за тоа беше преголемиот публицитет што српските државни институции ѝ го дадоа на испратената помош од Кина. Како што е познато, српскиот претседател Александар Вучиќ упати остри критики до европската заедница дека го ограничила извозот на медицинска опрема од ЕУ во регионот. Потоа следуваше укинување на рестрикциите за испораката на заштитни маски.
Високи европски претставници дополнително нагласуваа дека „поддршката и помошта од ЕУ се многу поголеми од она што кој било друг партнер му го обезбеди на регионот“, а ова било забележено и во последниот нацрт-документ, кој ќе биде презентиран на мајскиот самит во Загреб. Сепак, во него се предупредува дека „зголемената помош ќе биде поврзана со опиплив напредок во владеењето на правото и во социоекономските реформи, како и со придржувањето на партнерите од Западен Балкан кон вредностите, правилата и стандардите на ЕУ“.
Во документот се потврдува и „недвосмислената поддршка на ЕУ за европската перспектива“ на земјите од Балкан, кои за возврат „ја повторуваат својата заложба за европската перспектива како свој цврст стратегиски избор“.