Таксистите во Белград кои купуваат нови автомобили годинава можат да очекуваат по 8.000 евра дотација од државата. Условот е да купат возило во вредност од најмалку 13.000 евра, што се на електричен или хибриден погон и кои користат компримиран природен гас или возила со мотор „еуро 6“. Таксистите ќе мора да продолжат со извршување на такси-дејноста најмалку три години. Од државниот буџет се предвидени 20 милиони евра наменети за најмногу шест илјади таксисти.
Владата на Србија ја освоила уредбата за условите и начинот на субвенционирање за набавка на патнички возила за потребите за обновување на возниот парк на такси-здруженијата, кои се дел од јавниот превоз. На финансиската помош при купувањето на нови автомобили можат да сметаат таксистите кои оваа дејност ја извршуваат најмалку една година од стапувањето на сила на уредбата. Износот од 8.000 евра можат да го искористат како учество за наменски кредити, за финансиски ризик или за плаќање на делот на купопродажната цена. Важен услов е таксистите кои ќе ја користат субвенцијата да не должат на име на неплатен данок, пишува весникот „Новости“.
Претставникот на Сојузот на автотакси-здруженија „САТУС“, Александар Бјелиќ, тврди дека субвенциите не биле резултат од протестот на такси-превозниците, туку државата сама ја предложила оваа мерка. Минатиот октомври, неколку дена Белград беше блокиран поради протестите на таксистите, кои бараа од државата да ги отстрани нелегалните превозници.
Во такси-здруженијата очекуваат да добијат и дополнителни попусти од сите дилери на автомобили, како и од банките за да дадат поповолни услови за купување нови возила.
– Возило не може да земе таксист кој има долг поголем од 500.000 динари и ако тој долг не е во репрограмирање. Задолжително е возилата да бидат со стандард „еуро 6“, да бидат со бела боја и багажник со зафатнина од 350 литри. Такси-превозот во Белград ќе биде поевтин, а воздухот ќе биде почист – информира Бјелиќ.
Во главниот град на Србија има околу 6.400 такси-возила, а субвенциите за нови автомобили во првата година можат да ги користат 1.200. Во Србија има околу 12.000 таксисти, од нив четири илјади имаат долгови кон државата и ќе немаат право на субвенции.