Претседателот на Република Српска Милорад Додик ја обвини Британија дека се обидува да ја дестабилизира Босна, и дека за таа цел испратила експерти во Бања Лука.
– Се работи за експерти кои дејствуваат на социјалните мрежи, во медиумите, кои прислушкуваат, и чија цел е да создадат општ хаос и дестабилизација, пред се во Република Српска, обвини денеска Додик.
Според претседателот на српскиот дел на Босна, се работи за дел од проект на британската Влада, за кој се издвоени девет милиони фунти, номинално со цел да се сузбие руското влијание на Балканот.
– Граѓаните мора да бидат свесни дека не може да сметаат на добронамерноста на Британците, и дека ова се прави со цел да се создаде унитарна и централизирана Босна и Херцеговина – додаде Додик.