Многу прашања што се однесуваат на поголема билатерална и регионална соработка меѓу земјите од Балканот сѐ уште се отворени, а во последниот период има знаци и на натамошно влошување. Такви се примерите со сите земји во регионот, вклучувајќи ги и релациите со земјите што се членки на Европската Унија
Поголемата меѓусебна соработка меѓу земјите од Западен Балкан се наметна како алтернатива на сѐ понеизвесниот процес на проширување на Европската Унија кон земјите од регионот. Се чини дека и поголемото регионално интегрирање повеќе станува убава желба отколку реална можност, бидејќи сегашните односи меѓу балканските држави се далеку од принципите на негување на добрососедство, кое е услов за поголема политичка и економска соработка меѓу нив. Многу прашања што се однесуваат на поголема билатерална соработка остануваат нерешени, а во последниот период има знаци и на натамошно влошување. Такви се примерите со сите земји во регионот, вклучувајќи ги и релациите со земјите што се членки на Европската Унија.
Односите меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина сега се полоши одошто биле во текот на војната, а оваа состојба нема да се промени без искрен дијалог, предупреди во понеделникот загрепскиот муфтија Азиз Хасановиќ. Тој во разговор за сараевскиот весник „Дневни аваз“ рече дека Бошњаците во Хрватска ги уживаат сите човекови права, но тоа не е доволно доколку односите меѓу БиХ и Хрватска се лоши.
– Комуникацијата што ја гледаме, без да навлегувам во тоа кој е виновен, не е добра. Бошњаците се 75 отсто од припадниците на исламската заедница во Хрватска, емотивно се врзани за БиХ и секоја негативна изјава ги навредува. Дијалогот е нешто на што сме упатени едни со други. Предупредувам на односот на политичарите што го имаат тој воен или игнорантски наратив. Сегашната состојба може да предизвика сериозни последици во иднина. Бошњаците особено ги загрижува реториката на политичарите во БиХ што го минимизираат геноцидот – изјави Хасановиќ.
Емир Имамовиќ во авторскиот текст на „Дојче веле“ го анализира однесувањето на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој во изминатиот период предизвика остри реакции во Сараево поради некои свои изјави, како дел од континуираната политика на Загреб кон Босна и Херцеговина.
– Влијанието на Загреб и самиот Милановиќ на процесите во БиХ е или никакво или деструктивно, пред сѐ за односите меѓу Хрватите и Бошњаците. Поинаку кажано, колку повеќе Загреб ги форсира оние решенија на кои би се согласил ХДЗ БиХ, втората доминантна преговарачка страна, бошњачката, е помалку подготвена да разговара за нив – пишува Имамовиќ.
Односите меѓу Србија и Косово подолго време се во фаза на „замрзнат конфликт“, а тоа се должи на нерешените прашања за признавање на косовската држава, формирањето на СЗО и начинот на кој двете земји треба да се соочат со военото минато. Втората средба во Брисел меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти доживеа целосно фијаско, а единствено за што се договориле на нивната средба било да продолжат со дијалогот меѓу Белград и Приштина! Медиумите информираат дека средбата поминала во лоша атмосфера, со меѓусебни обвинувања на двајцата преговарачи. Специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, изјави дека на средбата бил покажан целосно различен пристап на двете страни за нормализацијата на односите меѓу двете земји.
– Мислев дека е невозможно да се одржи полош состанок, но денеска се убедив дека е можно. Ги добивме предлозите на ЕУ што беа усогласени со нашите главни преговарачи. И Србија целосно се согласи со она што го предложи ЕУ – рече Вучиќ.
По изборот на новата влада во Црна Гора, не се случи затоплување на односите со Србија што беа нарушени со донесувањето на Законот за верски заедници, кој беше донесен од претходната црногорска влада. Официјален Белград сѐ уште одбива да се оствари средба на премиерско ниво, како резултат на затегнатите односи во новата коалициска влада на Црна Гора, која работи во услови на тесно парламентарно мнозинство. Дипломатските релации меѓу Албанија и Србија може да се оценат како „коректни“, но тие се главно во рамките на иницијативата на мини-шенген. Во однос на прашањето за Косово, позициите на Белград и на Тирана се непроменети и се во рамките на постојните српско-албански позиции.
Договорот за добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија ја изгуби својата суштина, по блокадата на бугарската влада за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија. Во предизборната кампања во Бугарија, кај националистичките и другите релевантни партии доминираа и негаторските ставови кон постоењето на македонскиот народ и јазик, со што се потврдија „големобугарските“ политики од минатиот век. Во ваквото сценарио од Софија се вклучи и бугарскиот претседател Румен Радев. Тој по повод вчерашниот прием од 142-годишнината од формирањето на дипломатската служба на Бугарија, кажа дека живееме во време на динамични промени во политичкиот, социјалниот и културниот живот, а тоа ги менува и предизвиците со кои се соочува бугарската дипломатија. Радев ги повика бугарските дипломати „да го бранат националниот интерес и да ги реализира главните цели на надворешната политика“.
Претседателот Радев ја истакна одбраната на интересите на бугарските заедници во странство како примарна задача на бугарските дипломати. Тој, исто така, повика на континуирана поддршка за забрзана европска интеграција на соседните земји во Западен Балкан, но со строго почитување на критериумите од Копенхаген за членство во ЕУ.
По постигнувањето на Преспанскиот договор се намалија и политичките тензии меѓу Македонија и Грција. Придобивките што се очекуваа од постигнувањето на македонско-грчкиот договор сѐ уште не се чувствуваат во непосредниот соживот на граѓаните од двете држави, а отсуствува и поголема економска соработка. Неколку документи што се однесуваат на подобрувањето на односите со Македонија чекаат изгласување во грчкиот парламент. Спроведувањето на Преспанскиот договор од страна на грчката влада засега се разгледува само низ призмата како македонската фудбалска репрезентација се „претставува“ на меѓународни спортски натпревари!