Земјите од Западен Балкан што се во групата на „изборни демократии“, сѐ уште се далеку од либералните демократии. Најдобро рангирана, според степенот на демократија, е Словенија, а најлошо Србија
Според анализа на шведски институт
Првпат по 2001 година државите во кои преовладуваат автократиите се мнозинство, се наведува во анализата на институтот „В-дем“ при Универзитетот во Готенбург, Шведска. Во извештајот за демократија во 2020 г., насловен „Брз пораст на автократијата – пораст на отпорот“, се оценува дека автократските режими се застапени во 92 земји, во кои живеат 54 отсто од светската популација. Овој шведски институт наведува дека 35 отсто од светската популација, или околу 2,6 милијарди луѓе, живеат во државите што се автократизираат. Светот има 87 земји со изборна и со либерална демократија, во кои живеат 46 отсто од населението. Европската Унија ја добива првата држава членка во која нема демократија, а тоа е Унгарија, која е класифицирана како „изборен авторитарен режим“, пренесува Радио Слободна Европа.
Од земјите на Западен Балкан најдобро рангирана, според степенот на демократија, е Словенија, која е на 34-то место и се наоѓа во групата на 37 „либерални демократии“. Во оваа група се наоѓаат и Австралија, Белгија, Данска, Финска, Германија, Ирска, Шведска, Швајцарија и САД.
Хрватска се наоѓа на 55-то место во светот во групата „изборни демократии“, во кои се 50 земји. Во Хрватска се забележани тенденции кон автократија. Косово е на 64-то место, Македонија на 71-то и Босна и Херцеговина на 83-то место. Според анализата на институтот „В-дем“, во групата на „изборни автократски држави“ со 65 земји е и Албанија, која е 87-то место и се наоѓа на границата повторно да се врати меѓу изборните демократии, каде што се наоѓаше и во претходната анализа. Меѓу изборните автократии влегува и Црна Гора, која е на 99-то место. Србија, која е негативен пример, е посебно истакната во најновата анализа. Таа е во групата на изборни автократии и, според демократичноста, се наоѓа на 139-то место, пренесува РСЕ.
Земјите се класифицирани како демократски под услов не само во нив да се одржуваат слободни и чесни повеќепартиски избори, туку и да се гарантира слобода на говорот и изразувањето. Изборните автократии не исполнуваат никакви стандарди, додека во затворените автократии не се одржуваат повеќепартиски избори. Либералните демократии го поддржуваат владеењето на правото и законот и имаат ограничување на извршната власт, додека изборните демократии го немаат тоа.
Србија во оваа анализа е ставена со земјите што во последните десет години најмногу се автократизираа, а меѓу десетте земји што се во овој процес се: Унгарија, Турција, Полска, Бразил, Индија, Мали, Тајланд, Никарагва и Замбија.
За Србија се наведува дека во 2009 година, заедно со Унгарија и Полска, била земја со либерална демократија. Со текот на времето, автократизираните влади во овие земји прво ги ограничија слободата на медиумите и цивилното општество. Потоа, се стекнаа со контрола на медиумите и цивилното општество и почнаа да го нарушуваат и квалитетот на изборите.
Другите земји од Западен Балкан што се во групата на „изборни демократии“, сѐ уште се далеку од либералните демократии.
„В-дем“ го бележи индексот за изборни демократии не само по критериумите за одржување чисти, слободни и фер избори, туку и за слободно изразување, алтернативни извори на информации и слобода на здружување, како и правото на жените да избираат и да бидат избирани, како и степенот во кој владината политика им припаѓа само на избраните функционери.
Кај процената за демократичноста на земјите, односно режимите што владеат во одредени земји, се зема предвид и егалитарното начело на демократија, кое мери во колкав обем општествените групи уживаат еднакви можности за учество на политичката арена.
Егалитарното начело на демократизација е темелно поврзано со политичкото учество, затоа што системската нееднаквост во правото и ресурсите, ги ограничува граѓаните на одредени општествени групи во можноста да учествуваат во политичките и управувачките процеси. Оттука и еднаквата распределба на ресурсите меѓу групите резултира со политичка еднаквост, а со тоа и со демократија, се наведува во објаснувањата на извештајот на институтот од Шведска.
Според нивната анализа, во светот моментално има 25 затворени автократии и меѓу нив се: Јемен, ОАР, Саудиска Арабија, Мароко, Куба, Кина, Сирија, Либија, Катар, Северна Кореја и други.