Во косовскиот автобус што имаше тешка сообраќајна несреќа во Хрватска имало 67 патници и двајца возачи. Деветмина патници загинале, како и еден од возачите, соопшти директорот на Цивилната заштита на Хрватска, Дамир Трут кој заедно со министерот за здравство Вили Берош го посети местото на несреќата на автопатот Белград – Загреб кај Славонски Брод.
Вкупно 44 патници се примени во болница во Славонски Брод, од кои осуммина се потешко повредени. Еден од возачите и 14 патници кои не се повредени чекаат сместување.
Амбасадорот на Косово во Хрватска истакна дека патниците се косовски државјани.
Македонското Министерство за надворешни работи проверува дали во автобусот имало и македонски државјани, со што ја задолжило македонската амбасада во Загреб да ги преземе сите мерки и да извести за ситуацијата.