Во случај на спроведување на идејата на Берлин и на Париз, целата власт на Косово ќе ѝ припадне на Приштина, а Белград би имал влијание врз Србите на Косово, како што сега го има кај Србите во Црна Гора, Македонија и Словенија
За Србија не е прифатлива идејата за двојниот суверенитет на Косово, која предвидува по десет години да се одржи референдум. Ова го изјави Ивица Дачиќ, српскиот министер за надворешни работи, во гостувањето на РТС, нагласувајќи дека ваков предлог засега никаде не бил официјално предложен. Тој појасни дека на првиот дел од состанокот во Берлин, на 29 април, ќе присуствуваат лидерите на Западен Балкан, и на него ќе се говори за регионални прашања. Вториот дел од состанокот ќе биде посветен на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Шефот на српската дипломатија изрази очекувања дека ќе дојде до промена на форматот на преговорите, кој има цел да се признае независноста на Косово на целата територија.
– Берлин нема да може да прогласи крај на бриселскиот формат, затоа што тој е определен од Генералното собрание на ОН – додаде Дачиќ.
Соговорниците за весникот „Данас“ тврдат дека не се точни тврдењата дека Германија и Франција ќе претстават нов план за решавање на косовското прашање, кое подразбира „двоен суверенитет“. Ова подразбира Косово да го задржи територијалниот интегритет, но Србија да ужива некој суверенитет над Србите на Косово и над српските светилишта.
Коментарите на некои од аналитичарите од српската политичка сцена се дека „двојниот суверените би претставувал двојно ништо за официјален Белград, а тоа ќе овозможи двојно полесно да се проголта суверенитетот на Приштина над Косово“. Во основата на овој предлог е содржан планот на Ахтисари, но под друго име и форма.
– Во случај на спроведување на замислената идеја, целата власт на Косово ќе ѝ припадне на Приштина, а Белград би имал влијание врз Србите на Косово, како што сега го има кај Србите во Црна Гора, Македонија и Словенија – нагласуваат соговорниците на „Данас“.
Весна Марковиќ, пратеничка од Српската напредна партија и претседателка на групата за пријателство со Германија во Собранието на Србија, смета дека берлинскиот состанок е обид за оживување на дијалогот и обид да се приближат позициите на Германија и на Франција, но без да се имаат предвид мислењата на Србија.
– Постојат информации за можна промена на границите, но Германија јасно порача дека нема промена. Нејасно е дали дијалогот што го почна сегашната Европска комисија е мртов. Нема да дојде до договор во Берлин без учество на големите сили, пред сѐ, на САД. Во овој момент е невозможно да се постигне каков било договор, пред сѐ што во тек е изборната кампања за Европскиот парламент – оценува Марковиќ.
Агрон Бајрами, главен и одговорен уредник на приштинскиот весник „Коха диторе“ кратко коментира дека „двојниот суверенитет“ е шпекулација и „невозможна мисија“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на состанокот на СНС соопштил дека пред Србија е исклучително тежок период кога е во прашање Косово. Единствено што се бара од Србија е признавање на независноста на Косово и најави воведување контрамерки од Белград доколку Приштина до шести мај не ги повлече високите царински стапки за српските производи.