Два нови земјотреса со јачина од 3,1 и 2,2 степени се регистрирани денеска во Албанија, беше објавено на веб-страницата на Евро-медитеранскиот сеизмолошки центар, кој ги следи сеизмолошките активности во Европа.
Посилен земјотрес се случил во 3.04 часот на длабочина од десет километри, а епицентарот бил на 32 километри северозападно од Тирана. Вториот земјотрес е регистриран во 18:45 часот на длабочина од 14 километри, со епицентар на 22 километри од главниот град.
Нема информации за евентуална материјална штета или за повредени лица.
Албанија минатата недела беше погодена од разорен земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала. Повеќе од 50 лица загинаа, а околу 2.000 беа повредени. Регионот на Драч беше најтешко погоден.