Тристотини дански осуденици ќе бидат испратени во затвор на Косово, а скандинавската држава за возврат финансиски ќе го поддржи развојот на зелената енергија во земјата, како што најави косовскиот министер за правда.
Данската влада тврди дека затворениците ќе бидат третирани исто како и во нивната држава, одговарајќи на сомнежите за условите во кои ќе бидат затворени на Косово. Данскиот министер за правда Ник Хекеруп ја истакна убеденоста дека човековите права на затворениците ќе се почитуваат во согласност со меѓународните стандарди. Целта на данскиот план е олеснување на притисокот врз тамошниот затворски систем.
Криминалците кои ќе бидат депортирани во Гњилане доаѓаат од земји кои не се членки на ЕУ.
Договорот, кој допрва треба да биде одобрен од косовскиот парламент, предвидува Косово да добие капитални инвестиции во вреност од 210 милиони евра, пред се во обновливи извори на енергија. Потпишувањето на договорот е најавено за следната недела.
Косово моментно има 1.642 затвореници во 11 казнено-поправни установи кои имаат вкупен капацитет за околу 2.400 осуденици.