Во Далмација се одвива масовно садење бадеми, а земјоделските експерти проценуваат дека Хрватска би можела да остварува поголеми приходи од извозот на овој јаткаст производ дури и од приходот што се остварува во туризмот. На полиците во маркетите не може да се најде домашен бадем, а сѐ што ќе се произведе во текот на годината се извезува. На светскиот пазар постојано расте побарувачката за бадеми.
Калифорнија, која е најголем извозник, има недостиг од вода за наводнување на садниците и затоа се соочува со сѐ помало производство, пишува „Слободна Далмација“.
Хрватска сѐ уште повеќе увезува исчистен бадем и бадем во јатка во количества од 1.235 тони, а извезува околу 114 тони. Ова се мали количества ако се имаат предвид климатските услови во Хрватска, кои се погодни за одгледување на ова растение.
Домашните земјоделци и претприемачи сѐ поактивно се вклучуваат во засадување нови површини со бадеми, но тоа е премалку за да се наметнат кај големите трговци или да станат конкурентни на европскиот и на светскиот пазар на јаткасти производи.
Една од поголемите фирми што се занимава со одгледување бадеми е фирмата „Брачки вртли“ на браќата Ненад и Небојша Куртовиќ, кои лани под закуп имаат земено 40 хектари државно земјиште. Досега засадиле 2.900 стебла на бадем на вкупна површина од 10 хектари. А планот за оваа година им е да засадат уште 3.600 стебла на 12 хектари.
– Би било добро да се создаде една мрежа на кооперанти што своите вишоци би му ги продавале на еден откупувач. Од 70 до 80 отсто од европскиот пазар се снабдува од американските производители, чие производство е во пад. Така, овој бизнис во Хрватска станува перспективен – смета Небојша Куртовиќ.
Садењето бадеми не носи брза заработувачка, затоа што за полна плодност се чека и осум години, но тие се сигурни дека ова е долгорочно добра инвестиција. Климата што владее на подрачјето на Далмација и посебно на островите ѝ годи на вегетацијата на бадемите. Со добро наводнување приносите на површините со бадеми се зголемува за 40 отсто. Поголема заработка има со преработувачката на плодовите во бадемово масло, брашно или млеко. Тоа се производи што се многу барани поради трендот за консумирање здрава храна.
Одгледувачите на бадеми можат да сметаат и на големите субвенции од Европската Унија од програмата за развој на руралните подрачја. До овие пари може да се дојде побрзо ако производителите се здружат во кластери или задруги. Здружувањето е важно за да можат хрватските производители да излезат со соодветно количество и понуда на европскиот пазар.