Грчкиот парламент вечерва усвои девет главни уставни амандмани со кои, меѓу другото, граѓаните во дијаспората ќе гласаат во своето место на живеење, парламентот нема да се распушти ако не избере претседател, а имунитетот на министрите кои се соочуваат со кривично гонење ќе биде укинат.
Уште еден усвоен амандман гарантира минимален приход за семејствата, со цел да се обезбедат „достоинствени животни услови за сите граѓани“.
Независните органи, исто така, се очекува да бидат избрани со тричетвртинско мнозинство на претседателската конференција, тело кое има задача да ги назначи, наместо претходното мнозинство од четири петтини.
За првпат грчкиот устав ќе им овозможи на граѓаните да достават до два предлог-закони до парламентот за разгледување, ако се соберат најмалку 500.000 потписи, пренесува „Екатимерини“.
Сепак, овие закони не можат да се однесуваат на прашањата поврзани со фискалната и надворешната политика и одбраната.
Вкупно 49 амандмани, кои ги предложија сите партии, се однесуваат на 28-те членови на грчкиот устав.
Измените на Уставот беа иницирани од претходната левичарска влада на СИРИЗА во 2018 година, а вклучуваа и предлог за одвојување на грчката држава од црквата, што беше одбиено од сега владејачката Нова демократија.
Нова демократија, од друга страна, се обиде да го измени членот 16 од Уставот, кој забранува приватни универзитети, но предлогот беше блокиран од СИРИЗА.
Ова беше четврти обид за изменување на грчкиот Устав по 1975 година, кога стапи на сила првиот Устав од постдиктаторскиот период.