Големи толпи луѓе не престануваат да демонстрираат и штрајкуваат низ улиците на грчките градови, револтирани од економските политики на власта поврзани со Законот за работни односи, кој, според медиумите, е донесен „прекуноќ“ во парламентот во Атина
Серија штрајкови, блокади и протести, кои обединија илјадници луѓе за да изразат незадоволство од контроверзниот нацрт-закон за работни односи што треба да го одобри грчкиот парламент, деновиве ја потресуваат грчката јавност, откако грчките власти го одобрија почетокот на летната постковид-туристичка сезона.
Имено, според пишувањата на грчките медиуми, градскиот превоз во главниот град Атина и траектниот сообраќај кон грчките острови биле 24 часа во прекин. Сѐ уште во некои делови од земјата се блокирани сообраќајните патишта, а некои јавни служби не работат за да можат да протестираат против законот што треба да ја зголеми флексибилноста на работното време и да го ограничи правото на штрајк.
Како што пренесува грчката национална телевизија, повеќе од 7.000 луѓе учествувале на протестен марш во Атина што се одржа завчера, а околу 8.000 демонстранти се собрале пред зградата на парламентот во текот на истата вечер.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во изјава за медиумите проценува дека реформата „што е исклучително погодна за раст“, ја приспособува земјата кон европските регулативи и носи поголема транспарентност во процесите на синдикатот, а не против правата на работниците.
Според него, секој четврти работник во моментов не е регистриран или е делумно регистриран.
Но генералниот секретар на Комунистичката партија, Димитрис Куцумбас, смета дека новиот систем легитимира еден вид џунгла на работното место, каде што вработените ќе бидат „целосно незаштитени“.
Опозицискиот лидер Алексис Ципрас, по повод протестите, смета дека овој предлог-закон значи повеќе работа за помалку плата, без обезбедување.
– Ова е враќање во средниот век – рече Ципрас во говорот пред парламентот.
Во меѓувреме, Владата тврди дека реформата ќе овозможи пофлексибилно работно време со одобрување 10-часовен работен ден, воведување правила за онлајн работа, спречување на сексуално вознемирување на работното место и услови за породилно отсуство.
Инаку, како што пренесуваат грчките медиуми, за непречено да се одржат испитите од државната матура, кои се актуелни периодов, од штрајкот ќе бидат исклучени професорите, а вработените во јавниот превоз во Атина ќе учествуваат со неколкучасовен прекин на работата, откако нивниот 24-часовен штрајк, атинскиот суд го прогласи за незаконски.
Во таа насока и новинарите и вработените во медиумите вчера и завчера имаа по четиричасовен прекин на работата од 14 до 18 часот.
Сепак, иако ставот на Владата е дека новиот закон за работни односи предвидува одредби што се во корист на вработените, освен синдикатите, против се и сите опозициски партии.
Слично како и лидерот Ципрас, портпаролот на СИРИЗА, Насос Илиопулос, на брифингот со странските дописници во Грција истакна дека тие, кога ќе дојдат на власт, веднаш ќе го поништат конкретниот закон.