Градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ, за „Н1“ изјави каква е моментната состојба во хрватскиот град, кој беше силно погоден од вчерашниот разорен земјотрес од 6,2 степени по Рихтер.
– Инсталациите се уништени од силниот земјотрес. Во еден дел имаме електрична енергија, а во другиот немаме. Во еден дел имаме вода, во другиот немаме. Сакаме да ја пуштиме во употреба комуналната инфраструктура што е можно побргу. Очекувам вечерва или утре да биде пуштена во употреба. Мислам дека ќе навлеземе во нов проблем дека ќе мора многу повеќе да ги сервисираме луѓето со вода и други неопходни работи – рече Думбовиќ.
– Она што го правиме денес – се обидуваме да ги затвориме сите дупки. Постојано наидуваме на нови проблеми, кои се огромни. Речиси сите покриви се уништени. Треба да видиме како да се погрижиме за уште неколку луѓе, како да им дадеме топол шатор – додаде Думбовиќ.
Тој наведе дека потребни се 50 шатори и уште еднаш им се заблагодари на сите што помогнаа.
– Петриња и јас им благодариме на добрите луѓе, отворивме жиро-сметка – рече тој и додаде дека сметките на граѓаните што се блокирани треба да се деблокираат бидејќи можеби некој од странство сака да им испрати пари.
– Ова е борба за опстанок – додаде градоначалникот на Петриња.