Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, која е во дводневна посета на Албанија, денеска од парламентарната говорница во Тирана порача дека Хрватите и Албанците „буквално се браќа по оружје“, како и дека голем број Албанци го жртвувале животот за Хрватска.
– Хрватска и Албанија заедно можат многу работи да направат – изјави хрватската претседателка, дополнувајќи дека нејзината земја придава голема важност на стабилноста, безбедноста и просперитетот на југоисточна Европа и силно заговара европска перспектива на регионот.
Осврнувајќи се на „трајното и нераздвојно пријателство“ меѓу двете земји и улогата на албанското малцинство во хрватското општество, Грабар-Китаровиќ истакна дека Албанија била пријател на Хрватска кога тоа и било најпотребно на нејзината земја.
Потсетувајќи се на голем број Албанци кои се бореле во „Татковинската војна“, таа рече: Буквално бевме браќа по оружје, пред да влеземе заедно во НАТО во 2009 година. Голем број Албанци ги жртвуваа своите животи за Хрватска, и верувајте ми – Хрватска тоа нема да го заборави.