Радикализмот и екстремизмот не се синоними. По терористичкиот удар во Мадрид во 2004 година, поимот радикализам беше воведен од политиката. Во јавниот и политичкиот дискурс радикализацијата во современите процеси доби негативно значење. Екстремизмот е малку појасен поим. Предметот на сигурносно дејствување во радикално-екстремистички контекст мора да биде вистинска категорија на национална сигурност, вели Мирко Биланџиќ, професор за воена социологија и сигурносна политика на Филозофскиот факултет во Загреб
Хрватска
По неодамнешниот напад на полицаец што го чуваше влезот на зградата на Владата на Хрватска се актуализира темата за радикализација на општеството и екстремизмот, што е последица на долгогодишното несанкционирање и толерирање на говорот на омраза во хрватското општество. Овој напад на државните институции, кои „не ја работат својата работа“, меѓу радикалната и конзервативната политичка јавност наиде на разбирање и отворена поддршка. Во јавниот дискурс стана нормално да се искажува сопствената омраза кон другите различни од себе и кои имаат поинакво мислење, кои ја „загрозуваат Хрватска“ – било тоа да се Србите, левичарите, бегалците, атеистите, сексуалните малцинства, феминистките, либералите или оние што се спротивставуваат на историскиот ревизионизам за оправдување и намалување на усташките злосторства и антихрватскиот карактер на НДХ, пишува во анализата на „Јутарњи лист“.
– Со политички екстремизам и говор на омраза Хрватска е соочена од своето настанување, притоа политичкиот екстремизам е сѐ помалку изразен, но не и говорот на омраза. Терористичкиот акт што се случи на Марковиот плоштад е резултат на длабоки структурни причини. Низ континуираната криза има поединци што се подготвени и способни по насилен пат да ги решаваат прашањата за незадоволство и правда, а насилството е насочено кон проектираниот виновник – вели Мирко Биланџиќ, професор за воена социологија и сигурносна политика на Филозофскиот факултет во Загреб.
Агенцијата СОА е одговорна за превенција и сузбивање на тероризмот во Република Хрватска. Факт е дека терористичките напади се случуваат и во најразвиените држави, кои користат најсофистицирани методи за рано спречување на терористичките активности. Но ризикот од дејствување на „волци самотници“, односно на лица што се подготвени самостојно да нападнат, постојано е присутен, затоа што тие не се поврзани со терористичките организации и групи. Во извештајот на СОА пред шест години се предупредува дека и Хрватска не е имуна на напади каков што неодамна изврши Даниел Безук, кога рани полициски служебник пред зградата на хрватската влада.
– Радикализмот е контроверзен поим и социјален производ со различно вредносно значење низ историјата. Радикализмот и екстремизмот не се синоними. По терористичкиот удар во Мадрид во 2004 година, поимот радикализам беше воведен од политиката. Во јавниот и политичкиот дискурс радикализацијата во современите процеси доби негативно значење – вели Биланџиќ.
Според него, историски гледано, во западниот дискурс и на европско тло радикализацијата како социолошко-психолошки и политички конструкт имала позитивно значење. Радикализмот и екстремизмот подразбираат дистанца од политичкото мејнстрим-мислење, политичките и општествените процеси. Стручњаците се согласуваат дека радикализацијата е процес што е рефлексија на мислења, ставови и однесувања, насочен е на промена на политичкиот систем, при што се користат различни насилни средства (вербални, психолошки, правни, административни, оружени) и ненасилни средства.
– Екстремизмот е малку појасен поим. Предметот на сигурносно дејствување во радикално-екстремистички контекст мора да биде вистинска категорија на национална сигурност и не смеат да биде во служба на дневната политика, односно не смее да се преземаат никакви акции во интерес на која било политичка опција, а партиите не смеат да ги загрозат политичките и човековите права во однос на изразување мислење, политичко организирање и политичко дејствување – објаснува Биланџиќ за „Јутарњи лист“.
Во извештаите на хрватската безбедноста агенција се наведени процените дека во „Хрватска има мала опасност од напади на радикалите“. Но за неа како членка на ЕУ и НАТО постои потенцијален ризик од терористички закани, пред сѐ поради глобалниот пораст на терористички закани од исламистичките организации. Во врска со домашниот тероризам, СОА заклучува дека „малобројното членство и слабата организираност на екстремистичката сцена во Република Хрватска, како од левите и од десните политички опции, се причини за минимален потенцијал на екстремистичките групи и за поединци за загрозување на безбедноста во Хрватска“. Но се забележува појава на екстремизам и кај поединци што дејствуваат во рамките на навивачките групи.