Србија, по Хрватска и Грција, во последните десет години е земја со најбавен економски пораст на Балканот, а најверојатно и во Европа, оценува Владимир Глигоров, советник во Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Тој во интервју за агенцијата „Бета“ вели дека позицијата на Србија е последица на корекцијата на курсот и реалните доходи по 2008 година, а потоа и на начинот на фискалната консолидација, која беше спроведена по 2015 година.
– И двата процеса можеа да бидат подобри, така што може да се оцени дека српските економски власти во последните десет години главно многу лошо управувале со стопанството. Хрватска уште полошо управуваше со економијата, а Грција веројатно немаше многу подобар избор од тоа што го направи, додека сите други земји беа подобри – вели Глигоров.
Глигоров оценува дека Србија, според нивото на економската активност по жител, е полоша од повеќето соседни држави, што е неверојатно лош резултат. Најголема грешка во фискалната консолидација беше намалување на платите и на пензиите, со што се поттикна емиграцијата, но и субвенционирање на државните претпријатија и инвеститори.
– Наместо ова, требаше да се спроведат реформи во државниот сектор и во стопанските субјекти и да се обезбеди владеење на правото. Владеењето на правото е поважно од субвенционирање на сите „амбициозни инвеститори“ – вели Глигоров.
На прашањето дали буџетот на Србија за 2019 година е развоен или воен, Глигоров одговара дека во јавноста се слушаат многу забелешки поради зголемување на воените издатоци, но не и за јавните вложувања.
– Не е ни извесно дека државата умее да потроши повеќе, на пример за изградба на инфраструктурата, затоа што досега реализацијата доцнела за сите проекти, а не се сака да се зборува за квалитетот. Со зголемувањето на средствата за набавка на воена опрема, државата покажа дека знае да направи нешто ефикасно. Можеше да купи и опрема за образование или за наука или за некоја друга јавна намена. Се чини дека купувањето на воената опрема било популарно за јавноста – изјави Глигоров.
Тој го поставува прашањето зошто е важно јакнењето на војската. Војската е средство, а подобро опремена војска е подобро средство, но што е целта, земјата да се брани, но од кого? Со закани од другите да се добијат отстапки? Доколку нема одговор на поставената цел, а тоа очигледно изостанува, тогаш станува збор за фрлени пари – објаснува Глигоров.
Владимир Глигоров вели дека предвидените капитални инвестиции во буџетот за 2019 година се недоволни, со оглед на развојните потреби на Србија.
– Ако се гледа од аспект на развојот, инфраструктурата и енергијата се важни. Меѓутоа, вложувањето во образованието и знаењето е многу поважно за српската економија, бидејќи таа не може да расте со необразована и евтина работна сила, затоа што тоа го има премногу во светот – забележува Глигоров.
Во наредниот период проблем би можело да биде порастот на реалниот курс и тоа е проблем карактеристичен за српската економија неколку децении. Поради тоа, евентуалниот негативен ефект од зголемување на платите и пензиите ќе зависи од монетарната политика и политиката на девизниот курс на динарот.