Во настапите на црногорските официјални лица за геноцидот во Сребреница внимателно е одбрана вербална тактика за негирање на геноцидот, за која новата влада се држи како „пијан за плот“. Во нашиот однос кон геноцидот во Сребреница, постои голема симболичка, етничка и морална разлика меѓу термините „почитување“ и „признавање“.
„Почитувачот“ на одлуката на Меѓународниот суд во Хаг може неа да ја смета за ништовна, а постоењето на Судот за правна карикатура. Нејзиното „почитување“ е одраз на стекнатиот рефлекс со комформизам и знак на високо развиено чувство за политички опортунизам, а не показател на искрениот однос кон судот во Хаг, геноцидот во Сребреница, или кон војните во СФРЈ.
По негирањето на геноцидот во Сребреница, министерот за правда, неговите колеги од Владата, претседателот на Владата и неговите коалициски партнери овие денови покажуваат какви се како „колутани“. Колутан е личност кому главен облик на живот му е „малограѓанското вртење со очите со површна морална паника“.
Многу се прашуваат кои се причините за оспорување на утврдените факти за злосторствата од 1990-тите, вклучувајќи го и геноцидот во Сребреница. Зарем сѐ уште мора да се повторува таа фактографија на ужасот? Како е можно доказите да не значат ништо? Иако ова се легитимни прашања, неопходно е да се препознае и да се прифати одредена реалност во Црна Гора и пошироко, колку тоа да биде горко апче.
Потребно е да се биде свесен за силата на противникот и контекстот во кој во Црна Гора критикуваат негаторите на геноцидот во Сребреница. Тие не се малцинство на овие простори. Голем број од жителите во Црна Гора се согласува со тоа што го кажа министерот за правда, а го потврди и претседателот на Владата. Не е исклучено дека мнозинството од оние што гласале за тајкунската и клеронационалистичката коалиција, а кои се собрани околу Здравко Кривокапиќ, се подготвени да замижат и на оваа срамота.
Малцинство се оние што денеска се обидуваат негаторите на геноцидот и на воените злосторства да ги наречат со вистинско име. Антивоените активисти и прозападно ориентирани суверенисти беа малцинство уште од времето на „случување на народот“. Тие години за Ѓукановиќ беа „апстрактни хуманисти“ и „дезертери“, кои требало „законски да се процесираат“. Подоцна беше суверенистичкото малцинство, кое го критикуваше тајкунскиот дискурс „држава, па демократија“, кое ги осудуваше ДПС-клептократија и нејзиното делење на Црна Гора преку наметнување на идентитетската политика како единствена рамка на дејствување. Денеска агилно се продолжува практиката на продлабочување на поделбите користејќи ги сите алатки на ДПС за идентитетската политика, а во исто време новата власт за сѐ во државата ги обвинува претходниците.
Исто така, важно е подобро да се разберат некои мотиви за денешното негирање на воените злосторства и геноцидот во Сребреница. Негаторите на геноцидот не ја оспоруваат вистината само за да ја потиснат неа од јавниот дискурс, туку и затоа што настојуваат да го маргинализираат сето тоа што следува по дознавање на вистината – сето она што општеството и државата мораат да го направат по прифаќањето на вистината. Негаторите не сакаат да ја избегнат само етикетата на геноцидот, туку и сите последици што утврдениот геноциден криминалитет ги носи со себе: одговорност, казна, репарација. Затоа и бараат заштита во колективитетот и со негирањето на геноцидот, тие, всушност, ја бранат и чуваат идентитетската структура на српскиот народ.
Нашето разбирање за минатото е темел на нашиот национален идентитет. Нашата приказна за минатото е горделива, херојска, чесна, вредна за поезија, морална, просветлена, еминципаторска. Понекогаш таа е, како и во случај на српскиот национален идентитет, и приказната за колективна жртва на несреќни историски околности што ја плати високата цена за благосостојбата на своите западни соседи. На оваа приказна се креираат меѓусебно неодвоиви елементи на индивидуалниот и колективниот идентитет. Тие љубоморно се чуваат, бранат со сите средства и по секоја цена. На таа идеализирана слика ништо и никој не смее да ѝ наштети!
Судските докажани факти за геноцидот во Сребреница невистинито се претставени како закана за српскиот национален идентитет: индивидуален и колективен. Иако се правно процесирани злосторствата од геноцидот, во никој поглед не се однесува на заедницата, туку на криминалните активности на поединците и на идентитетската матрица со која се брани целата заедница. Националниот идентитет не познава индивидуи, па затоа и не може поединечно (кривична одговорност, командна одговорност, политичка одговорност) да ја одвои од општото.
Иако за тоа нема основа, пресудата за геноцидот во Сребреница се доживува како непријателски акт што е насочен кон српскиот народ за да се понижи, навреди и раситни неговата идентитетска матрица. Важно е да се спомене дека никој нормален не го обвинува српскиот народ за геноцидот во Сребреница. Тој геноцид го направи војската на парадржава, Република Српска. Тој геноцид има индивидуални причинители, индивидуални организатори и индивидуални убијци. На нив, а не на српскиот народ, им се судеше во Меѓународниот суд во Хаг. Тие што го тврдат спротивното се лажговци. Се забележува дека приказната за геноцидниот народ најчесто, или единствено, ги слушаме од оние што себеси се претставуваат како бранител на српскиот народ и нација. Се прашувам зошто е тоа така?
На крајот, факт е дека секое настојување негаторите на геноцидот да се вразумат и наговорат да прифатат докази е осудено на неуспех. Неприфаќањето на доказите за злосторствата, како и одбивањето да се историзираат минатите настани не се исклучиво сопственост на сегашната власт. Иако политичките противници, ДПС и нивните коалициски партнери од една страна, и просрпската опозиција во соработка со интересните политички групации како денешната Ура, од друга страна, веќе со децении користат исти елементи на идентитетска политика за да одржат контрола над своето избирачко тело. Без разлика на нивната реторика, на ниеден од политичките актери во Црна Гора во текот на последните триесет години не му беше во интерес да се откаже од идентитетската политика и да се фокусира на решавање на други важни прашања што би помогнале да се премостат длабоките поделби во општеството.
Затоа, сегашното негирање на геноцидот во Сребреница од страна на политичката елита, која настана во тесните рамки на српската идентитетска политика и која на власт опстанува благодарение на својот, речиси, заветнички однос кон српскиот национален дискурс, е сосема очекувано.
Тоа е многу опасно за жителите на Црна Гора, за регионалната стабилност и за меѓународната позиција на нашата држава.
Министерското негирање на докажаниот случај за геноцидот во Сребреница е проблематично, но лесно решливо прашање за персонална промена на чело на ресорното министерство. Министерот не е ни прв, но нема да биде ни последен негатор на геноцидот во Сребреница. Нив ги има и меѓу припадниците на Ура и во Демократскиот фронт. Кога министерот одбива да поднесе оставка, бидејќи смета дека не направил ништо лошо, а во тоа има поддршка и од Владата и нејзиниот претседател, тоа е проблем што го надминува министерското ниво. Кога претседателот на Владата во еден здив искажува „почитување“ на одлуките на сите меѓународни институции, а потоа поентира со констатација дека неговата влада не сака „едни народи да ги прогласува за геноцидни, а други за свети“, тоа е проблем на државата Црна Гора.
Без разлика на тоа што го кажаа претседателот и потпретседателот на Владата и за што вреви собраниската политичка перо-категорија на владејачкото мнозинство, укажувањето на овој државен проблем не е политизација на жртвите. Меѓутоа, реторичкото посегање за жртвите и искажување „пиетет“ кон нив во рамките на одбрана на министерското навредливо негирање на геноцидот е политизација на жртвите.
Јасно е дека извршната власт во Црна Гора ја гледа хашката пресуда за геноцидот во Сребреница на ист накараден начин на кој се гледаат најеминентните негатори на овој геноцид, како Александар Вучиќ, Војислав Шешељ, Радош Љусиќ, Драгослав Бокан, Смиље Аврамов, Ратка Младиќ, Радован Караџиќ или Билјана Плавшиќ, како политички мотивирана пресуда за целиот српски народ. Се надевам дека и на најголемите скептици им е јасно каква лудачка кошула ѝ се крои на Црна Гора од оваа светосавско-тајкунска политичка задруга. Нивното „трикратно амин“ на негаторите на геноцидот во Сребреница е јасен знак дека Црна Гора е на опасен пат на продлабочување на внатрешните поделби, нормализација на насилството, врамување на државниот проект на историскиот ревизионизам и негационизам, како на патот кон можна меѓународна изолација.
Авторот е професор на универзитетот „Алберта“ во Канада