Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во интерес на Србија е да се постигне правнообврзувачки договор со Албанците и оти за негово постигнување мора да има широка согласност и мнозинска волја на српското општество.
– Во интерес на Србија е да се постигне договор со Албанците без оглед на тоа дали ќе станеме членка на Европската Унија или не. Но, кога би се случило тоа, уверен сум дека вратата би ни била широко отворена – изјави тој.
Во интервју за „Вечерње новости“, Вучиќ вели дека со својот предлог за решавање на косовското прашање ќе излезе кога ќе оцени дека е тоа добро за државата и кога ќе може да бидат постигнати одредени резултати.
– И да биде зголемен петпати БДП и да бидеме шампиони во реформи, ЕУ ќе нѐ услови со решавање на прашањето за Косово. Нема сомнение дека тоа е клучна работа и кога ни велат други работи, всушност мислат на Косово. Затоа сакаме да постигнеме еден вид компромисно решение – вели Вучиќ.