Претседателот на Србија Александар Вучиќ, по неуспешниот обид да стигне до селото Бање, откако косовската Влада му ја повлече дозволата за посета на тој регион поради протести и блокади, им се обрати на жителите на тоа село по телефон од Митровица, каде што го одржа завршниот митинг, јави дописникот на МИА од Приштина.
Вучиќ им порача на околу 300 Срби од Бање, собрани во центарот на селото, каде што требаше да се одржи собир по неговото пристигнување, дека решил да не замине таму затоа што не сакал да ги загрози нивните животи.
– Ве молам останете мирни, вашата држава ќе застане зад вас. Ќе се трудиме вашиот живот во иднина да биде светол живот. Не можев да дојдам затоа што не сакав да ги загрозувам вашите животи, им порача Вучиќ на жителите на Бање.
Овие зборови на српскиот претседател, како што јавија медиумите, предизвикале солзи кај многумина од насобраните во центарот на селото.