Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, вечерва како продуктивен го оцени разговорот со српскиот претседател, Александар Вучиќ, во врска со дијалогот Белград-Приштина и пристапот на Србија во ЕУ.
Тој ова го напиша на својот профил на „Твитер“ по средбата во Њујорк.
-Нормализацијата на односите со Косово ќе ги зајакне стабилноста и просперитетот на Србија, Западен Балкан и трансатлантската заедница, наведува Помпео во објавата.
Српскиот претседател по средбата порача дека Србија може да смета на американска поддршка кога станува збор за укинување на таксите и продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
-Зборувавме долго за сè. Тој сакаше да слушне што мисли Србија пред сè за решавање на косовскиот проблем. Ми се чини дека на најкраток и наједноставен начин го претставив ставот на Србија, напиша на „Инстаграм“ српскиот претседател.
Средбата меѓу Вучиќ и Помпео траела подолго од очекуваното, околу два часа, пренесуваат српските медиуми.