Демонстрациите против плановите на Владата во Атина за изградба на нови центри за бегалци на островите Лезбос и Иос продолжија четврти ден по ред. Демонстрациите ескалираа со напад на стотици граѓани врз полицијата, која чува градежни парцели за идните центри за бегалци на Иос и Лезбос, а незадоволните островјани неколку часа окупираа воена касарна на Лезбос, во која беа сместени единиците за разбивање демонстрации.
Според официјалните информации, 43 полицајци се повредени во немирите на Лезбос и девет на Иос, кога толпа влетала на локација во која се наоѓале интервентните тимови и гневните луѓе ги претепале полицајците што одморале во своите соби.
Градоначалниците на Лезбос, Иос и на соседниот остров Самос треба да се сретнат со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Атина.
Според најавата на Владата во Атина од почетокот на неделава, се очекуваше повеќе полицајци да бидат повлечени од островите, меѓутоа актуелната ситуација укажува на тоа дека властите немаат намера да отстапат од плановите за поефикасно згрижување и процесирање на бегалците. Владата инсистира на тоа дека сака да изгради центри за прием за поефикасно да раководи со процесите за давање азил или депортација, а тврди дека тие би придонеле и за подобра контрола на границите.
По случувањата во Идлиб и ескалирање на воените престрелки на турско-сириската граница, Грција е во постојан контакт со Европската Унија и со НАТО и во максимална можна мера го направи построго чувањето на копнените и водените граници. Според турските и светските медиуми, Турција нема повеќе да ги спречува сириските бегалци што се обидуваат преку море и копно да стигнат до Европа.