Министерството за одбрана на Црна Гора кон средината на јануари ќе распише јавен повик за доброволно служење воен рок. Поради ограничените капацитети со кој располага Центарот за обука на војската на Црна Гора, се планира обуката да се реализира за 100 војници годишно, односно двапати по 50, објави весникот „Побједа“.
Во наредниот период постои можност да се зголеми бројот на војници за доброволно служење на воениот рок, доколку се пријават повеќе заинтересирани лица. Обуката на младите војници би траела три месеци.
Во стратегијата за долгорочен развој на одбраната за периодот до 2015 година се наведува дека доброволното служење на воениот рок претставува еден од моделите за оспособување за служба во црногорската војска.
– Целта е да се создаде база за пополнување на редовниот и резервниот состав на војската. Во согласност со потребите за пополнување на единиците, одреден број воени обврзници, по завршување на доброволното служење на воениот рок, ќе бидат примени во професионалната воена служба – се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.
Во резервниот распоред на војската на Црна Гора се предвидени да партиципираат 2.691 лице, од нив ќе се врши дополнување на резервните единици, а воениот кадар ќе го сочинуваат и лицата што служеле доброволен воен рок. Тие ќе бидат ангажирани во подготвителните работи и изведување на одбраната заради давање помош и заштита на населението од последици на природни и други катастрофи.
Најуспешните војници што ќе го завршат доброволното служење на воениот рок ќе имаат предност при приемот во редовната воена служба.