Анархистичката група Рубикон ја вандализираше американската амбасада во Атина по вторпат во изминатите неколку месеци, овојпат поради одбивањето на грчкото обвинителство да му овозможи отсутво од затвор на водачот на терористичката организација 17 Ноември (Н17) Димитрис Куфодинас, кој отслужува 11 последователни смртни казни за исто толку убиства, пренесуваат грчките медиуми.
Куфодинас штрајкува со глад од 2 мај, откако било одбиено неговото седмо барање за привремено пуштање од затвор. Американската амбасада и грчките опозициски партии секојпат јавно се противеа на неговите барања.
Американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пајат, го опиша нападот како „детски вандализам“, не сакајќи да му придава значај.
Првичните информации сугерираат дека 10 лица се приближиле кон резиденцијата, која треба да е една од најобезбедените згради во Атина, по што истуриле боја и фрлиле шок-граната кон амбасадата. Осуммина од нив набргу биле пронајдени и уапсени од грчката полиција.
Пратеникот Павлос Бакојанис беше убиен од членовите на Н17 во септември 1989 година, а терористичката група е одговорна и за убиството на четворица американски дипломати и на возачот на едниот од нив, во периодот помеѓу 1975 и 1991 година.
Токму затоа се смета дека последниот вандалски чин е директен удар врз безбедноста на американската амбасада, бидејќи јавноста го поврза со убиствата на американските дипломати.