Црногорската полиција соопшти дека го разбила најголемиот синџир на трговија со луѓе на Балканот и дека се уапсени осум лица осомничени за организирање на криминална група која држела над 90 тајвански државјани во ропство, за во нивно име да извршуваат измами на интернет.

– Претставници на полициската управа во координација со Специјалното обвинителство вчера спроведоа меѓународна акција за пронаоѓање и разбивање на најголемиот синџир на трговија со луѓе на Балканот во последно време. Досега се уапсени осум лица под сомнение за сторено кривично дело трговија со луѓе и организирање криминална група – соопштија од полицијата, додавајќи дека идентификувала 12 жртви на злосторството, а дека се обработуваат податоци за уште 85 лица.

Во меѓународната операција спроведена во соработка со Интерпол и Европол, црногорската полиција извршила претрес во три изнајмени вили во Подгорица.

– Во овие објекти затекнати се 93 лица од Тајван на кои им било ограничено движењето, им биле одземени пасошите и постои сомнение дека биле задржани под притисок – соопшти Црногорската полиција.