Постоењето на фиктивните живеалишта за граѓаните е генерирано од политиката и заштитувано за да се влијае на исходот на изборниот процес во Република Хрватска, предупреди независниот пратеник Влахо Орепиќ. Тој на прес-конференција јавно ги повика хрватската влада, безбедносните служби и правосудните органи да реагираат веднаш за да се реши конечно овој проблем. Поранешниот член на опозициската партија Мост рече дека нема намера да ги оспорува избирачките права на државјаните што немаат живеалиште во Република Хрватска, но и на оние што имаат вистински привремени адреси. Тој инсистира на решавање на проблемот со лицата што се пријавени на фиктивни живеалишта затоа што врз основа на тоа ги остваруваат избирачките права и други економски погодности што реално не ги заслужуваат, пренесе „Вечерњи лист“.
Влахо Орепиќ ја обвини актуелната власт дека не сака да го реши овој проблем, а за тоа го наведува фактот што откако е сменет од должноста министер за внатрешни работи, се прекинало со бришењето на фиктивните живеалишта. За само два месеца во неговиот министерски мандат биле избришани 45 илјади фиктивни живеалишта, а во следните неколку месеци вкупно се избришани 75 илјади. Неговата процена е дека сега постојат најмалку 150 илјади фиктивни адреси.
– Политичарите мамат со помош на овие гласачи. Мора да се спречи овој хаос и да се врати довербата кај граѓаните во интерес на подобра иднина. Мораме прво и основно да се преброиме и да се утврди точниот број на граѓани и, врз основа на тоа, да се добијат уредни избирачки пописи. Хрватска реално има помалку од четири милиони жители, 3.750.000 милиони според статистиката, но има 4.174.000 здравствени осигуреници и 3.746.000 гласачи. Дека ова е лажен број говорат статистичките податоци од 2017 година дека има речиси 600.000 жители до 14 години. Ние немаме точен и јавно достапен попис на граѓани, како ни веродостоен попис на гласачи, ни политика што сака да го реши тоа иако буквално се контаминира демократијата и го загрозува парламентаризмот – објаснува Орепиќ.
Поради сето ова, нагласува тој, може аргументирано да се проблематизира легалноста на спроведените изборни процеси, како и легалноста во однесувањето на власта на сите нивоа. Сегашната политика во Хрватска се сведува на банализирање на процесот на доделување државјанства, како и на спроведување на Законот за лични документи, а најави дека за тоа ќе се обрати и до телата на ЕУ.