Сопственикот на мала електроцентрала, по седум години, почнува да остварува чист профит со продажба на струјата по многу повластена цена на државата
Додека во Европа и во соседните земји, како што е Романија, поради лошите искуства со изградбата на малите електроцентрали планираат да ги укинат стимулативните тарифи за вака произведената струја, во Србија е актуелен планот за изградба на 800 мали електроцентрали. Нивната изградба се планира и во заштитените подрачја. Бизнисмените од сите дејности инвестираат во изградба на вакви енергетски објекти низ Србија и тоа го прават без потребните дозволи. Од овој бизнис се заработуваат добри пари, а не постои никаков ризик, велат противниците за изградба на малите електроцентрали. Особено се привлечни деривациските системи, со кои водата од планинските реки и потоци се заробува во цевки долги по неколку километри, пишува „Данас“.
За изградба на овие објекти се потребни добри врски и влијание од одредени надворешни фактори, што е доволно да се добијат кредити од банките, кои се обезбедуваат со изградената електроцентрала. Сопственикот по седум години почнува да остварува чист профит со продажба на струјата по многу повластена цена на државата, а потоа тоа го плаќаат граѓаните со сметките за електрична енергија. Меѓутоа, по првите протести на локалното население на неколку подрачја, инвеститорите најмногу средства трошат за пронаоѓање локации за кои нема да има противење од граѓаните. Поради големиот број протести Србија беше предупредена од Брисел дека мора да ги прекине сите антиеколошки активности, и тоа поради малиот придонес во енергетскиот биланс на земјата.
Најлошо од сето ова е што фирмите создадени прекуноќ успеаја да уништат значајно природно богатство, а беше доведен во прашање опстанокот на заштитените и ретки видови. Притоа не се стеснуваат и да го уништат и приватниот имот на локалното население за пробивање пристапен пат. Затоа се чести и физичките пресметки со приватните обезбедувачи ангажирани од инвеститорите.
Државата, освен Министерството за заштита на животната средина, главно молчи, а неусогласените закони и прописи одат на штета на граѓаните. Полицијата не ја работи својата работа, дури ни кога станува збор за заштита на приватната сопственост. За да се спречи отпорот, голем број посредници се обидуваат со давање поткуп да внесат раздор кај луѓето што ја бранат својата животна средина, тврдат активистите.
За да се спречи незаконската изградба на малите електроцентрали, со отворено писмо се јавија деканите и професорите од Шумарскиот, Биолошкиот и Географскиот факултет, како и од Рударско-геолошкиот и од Институтот за биолошки истражувања. На ова писмо никој не одговори од државните органи. Професорите го изнесоа својот став во врска со користењето на просторот на подрачјето на паркот на природата Стара Планина, кој е со единствен екосистем, и биолошки разновидната планирана изградба на 58 мали електроцентрали.
Сепак, еден од најпрозиваните функционери, министерот за енергетика Александар Антиќ, лани изјави дека нема да дозволи изградба на мини-електроцентрали доколку имаат негативен ефект на животната средина, но додаде дека „секој проект треба поединечно да се анализира, а не да се генерализираат работите“. Но колку се почитува тоа, говорат големиот број реакции за изградба на малите електроцентрали, пишува „Данас“.
Тачи ветил повлекување на царините
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, на состанокот со американскиот амбасадор во Германија ветил дека ќе работи на повлекувањето на царините што Косово ги воведе на целата српска стока, пишува весникот „Вашингтон пост“.
Косовскиот претседател во минатиот месец бил во досега непријавена дипломатска посета на Берлин, каде што се сретна со американскиот амбасадор Ричард Гернел, лице од доверба на Трамп, пренесува весникот, и додава оти тогаш го дал тоа ветување.
„Вашингтон пост“ укажува дека Тачи под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп и споменувањето можност за мировна церемонија во Белата куќа, ветил оти ќе преземе голем чекор кон решавање на конфликтот со својот ривал во Србија, кој го поддржува Русија.